Настасија Кински се повлече од јавноста

Настасија Кински, легендарната глумица на европската и на американската кинематографија, која пленеше со својот талент и убавина, во својата 61. година од животот се повлече од јавноста, ретко снима и живее сосема повлечено, далеку од медиумите. Таа е ќерка на контроверзниот германски глумец Клаус Кински, а својата кариера ја почнала многу млада. Иако имала завидна кариера и се смета за филмска икона, убавата Настасија немала лесен живот.
Родена е во 1961 година, во Берлин. Мајка ѝ Рут Бригит Троцки, која била втора сопруга на Клаус Кински, исто така била глумица. Родителите ѝ се развеле кога имала седум години, а по десеттата година ретко го гледала татко си. Со мајка ѝ живеела во Минхен во една комуна, а бидејќи биле во лоша финансиска ситуација, младата Настасија работела разни работи – од чистачка до тренерка на циркуски животни. Подоцна се пробила и како моделка, кога се заинтересирала и за глумата. Улогата во „Погрешно движење“ на Вим Вендерс, каде што се појавува во топлес, ја одиграла кога имала 15 години, а пред да наполни 18 години снимила разголени сцени и во други филмови. Подоцна велела дека во филмската индустрија ја искористиле нејзината наивност, бидејќи немало кој да ја заштити. Како 15-годишна на една забава го запознала 30 години постариот режисер Роман Полански, кој ја повикал да студира глума во САД и ѝ понудил улога во неговиот филм „Теса“. Во 1981 година тој бил номиниран за шест „оскари“, а освоил три златни статуетки. Се зборувало дека се во врска, што Полански го потврдил, а таа изјавила дека тоа било само флерт. – Можеше да ме заведе, но тој не го стори тоа – изјавила глумицата за „Гардијан“.
Во 1981 година фотографот Ричард Аведон ја снимил Кински со питон обвиткан околу нејзиното голо тело, а таа фотографија се појавила во американскиот „Вог“, со што 20-годишната Настасија станала секс-симбол.

Следната година глумела во филмот „Еден од срце“ на Копола, прв за американскиот пазар, и во еротскиот хорор „Луѓе мачки“. Потоа ги снима „Парис Тексас“, „Харем“, „Месечината во олукот“, „Љубовниците на Марија“, „Револушн“… Во 1990-тите се појавува во голем број американски филмови, а соработува и со Дејвид Линч. Последните десетина години нема некоја поважна улога. Настасија има три деца од три различни врски. Својот син Аљоша, роден во 1984 г., го добила со глумецот Винсент Спан. Истата година се омажила за египетскиот филмаџија Ибрахим Моус, со кого две години подоцна ја добила ќерката Соња. Се развеле во 1992-та. Потоа до 1995 година била во врска со Квинси Џонс, со кого ја добила ќерката Кенија Кински-Џонс, која сега е позната фотомоделка.
Во 1997-та била во врска со продуцентот Џонатан Д. Крејн, а ја поврзуваат и со Пол Шредер, Роб Лоу, Џон Војт, Жерар Депардие, Милош Форман…
Во центарот на вниманието се најде во 2013 година, кога нејзината сестра Пола јавно го обвини татко си Клаус Кински, кој почина во 1991 г., дека од петтата година сексуално ја злоупотребувал. Тогаш Настасија јавно ѝ даде поддршка.