Американската вселенска агенција НАСА и другите агенции на американската влада утврдија дека нивото на морињата ќе се зголеми за 30 сантиметри до 2050 година.
Како што напредуваат климатските промени, нивните ефекти стануваат сѐ појасни, се вели во новиот заеднички извештај на НАСА и другите владини агенции на САД. Во извештајот се наведува дека нивото на морето по должината на американскиот брег ќе се зголеми во просек од 25 до 30 сантиметри до 2050 година. Тоа значи дека за само 30 години, нивото на морето ќе се зголеми исто колку што се зголемило во изминатите 100 години.
Според Рич Спинрад, администратор на Националната управа за океани и атмосфера, новиот извештај ги вклучува најновите податоци, долгорочните проекции за зголемувањето на нивото на морињата на целата територија на САД.

– Науката е многу јасна. Тоа значи дека е време да се преземе акција за справување со климатската криза – вели администраторот на НАСА, Бил Нелсон.
Тој додаде дека човечкото однесување е двигател на климатските промени.

– Важно е да се нагласи дека извештајот ги поддржува претходните истражувања и го потврдува она што го знаевме цело време. Нивото на морето продолжува да расте со многу алармантна брзина и им се заканува на заедниците во светот. Климатските промени предизвикуваат зголемување на нивото на морињата, зголемување на температурите на површината на океаните и создавање влага во атмосферата. Сите овие фактори водат до поинтензивни и деструктивни бури – истакнува Нелсон.
Новиот извештај е дополнување на оној од 2017 година и предвидува пораст на нивото на морињата до 2150 година. Сепак, ова е првпат да се предвиди пораст на нивото на морињата во период од 30 години, а претходните извештаи се фокусираа само на ефектите во подолги временски периоди.

– Агенциите на федерално, државно и на локално ниво ги користат овие извештаи за да ги приспособат своите очекувања и плановите за справување со ефектите од зголемувањето на нивото на морето – велат од авионската лабораторија на НАСА.
Нелсон ја спомна и мисијата СВОТ на НАСА, која ќе обезбеди процена на езерата, реките и потоците, а планот е да се лансира сателит СВОТ со помош на ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс екс“ во ноември. Тој додаде дека владините агенции и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се сериозни во намерата да продолжат да собираат податоци и да работат во борбата против ефектите од климатските промени.