Изработката на најголемиот брод за крстосување во светот, во финското бродоградилиште „Мејер Турку“, е при крај. „Ајкон оф д сис“ на „Ројал карибиен“ ќе плови на патувања по Карибите од јануари 2024 година.

Првиот брод на компанијата од класата „ајкон“ неодамна започна со морски испитувања во Балтичко Море.
– Морските испитувања се една од најважните пресвртници на патот на бродот до завршувањето. Овие испитувања се начин да се тестираат сите карактеристики на бродот што не можат да се тестираат додека е закотвен и дека секоја функција на бродот работи како што е предвидено – велат од „Мејер Турку“.

„Ајкон оф д сис“ може да собере 7.600 патници и нуди врвен семеен одмор, со осум уникатни населби и над 40 ресторани и барови.
Искуствата за оние што бараат возбуда вклучуваат „предизвик што поттикнува страв, кој е дел одење по небо, дел одење по јаже, дел возбудливо возење и сеопфатен тест на вашата храброст“.

Тоа е брод со двојно гориво ЛНГ со шест мотори „вортсила“, кои генерираат 67.500 киловати. Покрај тоа, има горивни ќелии, систем за обновување на топлината и за подмачкување на воздухот на трупот.

Вториот брод за крстосување од класата „ајкон“ треба да се испорача во 2025 година, проследен со трет брод од класата во 2026 година.