Нема законски пречки за спојување на притворите и засметување во казната за „Титаник“ кај Миле Јанакиески, уверува неговиот адвокат Еленко Миланов, кој смета дека тоа го кажува толкувањето на законските одредби. Тој посочи дека пресудата има низа суштествени повреди. Потенцираше разлики во записникот, па дури, посочи и дека во него не е наведено кој обвинет за кое дело признал вина. Пресудата од Апелација, адвокатите ја немаат добиено.

– Она што можеме да го направиме е да поднесеме барање затоа што законски пречки за такво спојување нема. Дури и законските одредби на кои се повикуваме укажуваат на тоа дека без оглед за кое кривично дело, доколку има лишување од слобода за било кое кривично дело судот треба да ги засмета. Никаде не е определено ниту дека од разни предмети може да се спојуваат, но исто така никаде не е забрането тоа да се чини. Ако се толкуваат законските одредби онака како што во нив е наведено, таква законска можност постои, со што ќе се обратиме до судот. Затоа што ако веќе има издржано четири години и шест месеци точно до овој момент, што е за една година повеќе од она што е актуелно правосилна казна во овој момент, со вчера објавената пресуда што само на порталот ја имаме видено, сметам дека има можност и основа да биде засметан дел од овие четири години и шест месеци во оваа казна. А доколку има друга казна преостанатата година дена или доколку постои понатаму притвор или куќен притвор да истиот биде засметан во други предмети доколку настапи некоја осуда – кажа Миланов.

Од сите жалители во Апелација за предметот „Титаник“, само Миле Јанакиески доби затворска казна, иако ублажена. Сите останати, добија ублажување во условни казни.