Концертот ќе биде гламурозен, со прекрасни аранжмани и прекрасни солисти, вели Гоце Стевковски, директорот на Националниот џез-оркестар (НЏО), кој ќе одржи концерт вечерва, во 20 часот, во салата на Македонската филхармонија во Скопје. На концертот ќе бидат изведени композиции од албумот „Rock Swings“ на Пол Енка. Албумот содржи песни што беа хитови во 1980-тите и во 1990-тите години, а на концертот под диригентство на Џијан Емин ќе бидат изведени во оригиналните аранжмани, платени за овој настан. Специјални гости на концертот се Бранислав Николов (Пијан Славеј) и џез-вокалистите Светлана Јовановска и Џон Илија Апелгрен. Секој од нив ќе испее по четири песни од албумот на Енка.
– Оваа идеја за концертот ја имавме замислено од поодамна. Ќе биде нешто ново, нечуено на овие простори. Пејачите односно солистите што ќе настапат се посебни, секој со својот карактер, и намерно беа одбрани за овој концерт. Концертот ќе биде гламурозен, со прекрасни аранжмани и прекрасни солисти – вели Стевковски.
Светлана Јовановска како изведувач кажа дека публиката ги знае овие песни и ќе ужива на концертот, но песните ќе бидат во едно ново, поинакво светло.
Како што информира Џон Илија Апелгрен, станува збор за албумот „Rock Swings“ на Пол Енка, со хитови од 1980-тите и 1990-тите години, рок и поп-хитови, меѓу кои се хитови на „Спандау балет“, Ерик Клептон, Ван Хален.
– Аранжманите се прекрасни, а сите што ќе присуствуваат на концертот ќе уживаат во звучната слика – порача Апелгрен.
Од НЏО велат дека саботната вечер ќе биде исполнета со енергија, страст и музичка мајсторија што публиката ќе ја остави без здив.
– Не пропуштајте ја оваа можност да бидете дел од музичкиот спектакл што ќе ги обедини љубителите на рокот и џезот. Дојдете и уживајте во звуците на „Golden Rock Swings“ и дозволете музиката да ве понесе на едно незаборавно патување – порачаа од Националниот џез-оркестар.