Архитектонско чудо преку мореузот Дарданели
Грандиозниот висечки мост „Чанакале 1915“, кој ги поврзува Европа и Азија преку мореузот Дарданели, во Турција, ќе биде официјално отворен на 26 февруари, пет години откако камен-темелникот го постави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објавија турските медиуми.
– На отворањето ќе дојдат нашите партнери од Јужна Кореја и премиерот на Турција, а чекаме потврда и од претседателот – изјави Ебру Ездемир, шеф на управната компанија „Лимак холдинг“, која деновиве ја завршува изградбата на мостот.
Според него, трошокот на проектот од предвидените 2,8 милијарди евра пораснал на 3,1 милијарди. Причина за тоа е пандемијата.
– Ви гарантирам дека мостот и автопатот што води до него не можеа да се направат со помалку пари – порача Ебру Ездемир, додавајќи дека мостарината најверојатно ќе чини 15 евра.
Имено, освен мостот, изградена е 85-километарска делница на автопат, од што 75 километри се на европска, а десет на азиска страна. Освен што спојува два континента, мостот се издвојува и како најдолго растојание на светот, кое меѓу две главни возвишувања (високи 318 метри) се протега до должина од 2.023 метри. Тоа е 32 метри подолго од сѐ уште актуелниот рекордер, висечкиот мост на Акапи Каикјо во Јапонија (завршен во 1998 г.). Значи, новиот мост, според главното растојание, 2.023 метри, ќе биде најголем на светот. Наедно, тука има уште една симболика, бидејќи 2023-та е годината кога ќе се одбележат 100 години на Република Турција што ја втемели Мустафа Кемал Ататурк.
И самото име „Чанакале 1915“ е оддавање чест на битката за Галиполе од Првата светска војна, во која Турците ги поразија оружените сили на Антантата, главно од тогашното Британско Царство.