Покрај негрижата за приливот на средства со наметнатата состојба предизвикана од неодговорното работење на претходното општинско раководство,
доведени сме и во состојба на зголемен одлив, по однос на исплата на средства за електрична енергија. Ненавременото склучување на договор за снабдување со електрична енергија, зголемената цена на струјата, ја наметна потребата
од итен ребаланс на буџетот, веднаш по преземањето на локалната самоуправа, со цел да не дозволиме мандатот да го започнеме во темнина. Како резултат на таквиот однос,
плаќаме 7 пати поскапа струја и наместо 6.000.000 денари кои пред една година биле платени за периодот од октомври до јануари, денес сме доведени во ситуација да плаќаме 40.000.000 денари. Со голема одговорност и посветеност, вложуваме големи напори за најсоодветно решавање на овој проблем. Дел од јавните претпријатија пак, се борат со уште посериозни предизвици, кои претставуваат сериозна закана
за нивното работење. Ова го изјави градоначалникот на Битола, Тони
Коњановски, на денешниот отчет пред партискиот шеф Христијан Мицкоски во Битола. Коњановски зборуваше и за реализираните проекти.

– Општина Битола е подготвена за реализација на проектот за реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици. За дел од нив веќе се склучени договори, а дел се во постапка за јавна набавка. На улицата Солунска, на следната делница веќе отпочнаа работни активности на терен за поставување на нова канализациона мрежа. В понеделник започнуваат градежните активности на улицата Македонска фаланга. Постапно, оваа година ќе се работат и улиците Булевар 1 Мај, Христо Узунов, Наум Наумовски Борче, 7 јули, Крушевска Република во АРМ, Стара чешма, 16-та, Ѓорги Димитров, АСНОМ, 28-ма, Вера Циривири Трена, Брегалница, Штипска, Бранислав Нушиќ, Сутјеска. Со градежни зафати ќе биде опфатена и патната мрежа во селата Логоварди, Дихово и Брусник. Паралелно работиме и проектна документација за други улици во урбаниот и руралниот дел на општината. Работиме на изградба на нови паркови, канализациони мрежи, донесување на стратегија за економски развој, но и проекти од областа на енергетската ефикасност, кои се особено важни во состојбата во која се наоѓа државата потенцира – Коњановски. М.М.