Руското одморалиште Светлогорск е вклучено во меѓународната асоцијација „Бавни градови“. Споменатиот статус се добива за квалитетот на животот, врз основа на бавното темпо, едноставноста, поддршката на домашната кујна, како и на гостопримството. Светлогорск е мал туристички град на брегот на Балтикот, триесетина километри од Калининград, вклучен во меѓународната мрежа на градови Ситислоу. Тука припаѓаат вкупно 240 населени места низ светот, а Светлогорск е прв од Русија што го добил овој статус. Ова руско гратче во моментот е најдобро место во Русија за одмор од градската мешаница, бидејќи тука никому не му се брза.
До 1946 година бил германски град и се викал Раушен, за што сведочат зачуваните вили и нови градби во пруски стил. Луѓето почнале да го напуштаат градот кога прераснал во место за одмор и рекреација на почетокот на 19 век.
Најпрепознатлив објект е кулата што ја изградил германскиот архитект Ото Кукак, која била дел од болницата за лекување со минерална вода и кал. Денес тука се наоѓа една од зградите на Централниот воен санаториум.
Остатоците од германското наследство не се невообичаени, од црквата „Серафим Саровски“ (претходно лутеранската црква „Раушен“) до салата со оргули во обновената зграда на католичката капела од 1931 година. Има и предвоени вили што не се обновени.

Интересно е дека куќите се изградени меѓу тукушто засадени четинари, па градот практично е среде шума. Оттука и препознатливиот мирис на бор во воздухот, помешан со морско ветре. До морето, оддалечено неколку стотици метри, може да се стигне пеш или со историската жичница. Кејот е неодамна реновиран и има велосипедски патеки, клупи, локална брза храна и панорамски лифт. По симболична цена од 50 рубли ќе ве однесе до видиковецот со поглед на целиот брег. Светлогорск со право е познат како тивко, мирно, место со многу капалишта, мали хотели и локални ресторани. Дури и за езерото велат дека е мирно, а може да се изнајми и чамец. Градските улици со првиот самрак се празнат, а наутро оживуваат со отворањето на многубројните кафе-барови и слаткарници. Од 2019 година значително е поедноставена процедурата за влез во Калининградската област, со воведување електронски визи за туристите од 53 земји.