Дваесет и петтото издание на манифестацијата „Моден викенд“ е закажано на 25 јуни, во 17 часот, во Градскиот парк во Скопје.
– Го закажавме 25-то издание на „Моден викенд“ – Скопје во Градскиот парк, симболот на младите, на авантуристите, на македонската авангарда и андерграунд. Под мотото „Откријте кое е следното дипломско шоу“ (Discover Who’s Next Graduation Show), изданието e наменето за сите млади луѓе, за сите факултетлии, но и за сите оние бубачки и шумски ѕверки што сакаат да ги пренесат нивната приказна и порака преку модата. Живееме во една модерна ера во која сме сведоци за млади што секојдневно сѐ повеќе имаат интерес за модата, за нејзино креирање, па дури и за нејзиното „сетирање“. Деновиве сѐ повеќе слушаме за НФТ-мода, за дигитални артисти, па нема да бидеме изненадени ако наскоро „новата генерација“ што ќе се претстави на „Модниот викенд во Скопје“ ја видиме на некој од билбордите во Њујорк, Париз, Хонгконг…, како дел од некоја ултрамодерна НФТ модна колекција. Но за тоа останува само времето да покаже – изјавува Света Богова Јовановска.

Таа додава дека езерцето во Градскиот парк е избрано како локација, бидејќи било и ќе остане „љубовно гнездо“ за многу љубови во Скопје.
– Ние ве покануваме токму таму да бидете дел од најновото издание, со сигурност и со ветување да ви кажеме дека ќе се заљубите барем во еден модел од артистите – дополнува таа.

Оваа сезона, „Моден викенд“ – Скопје им го отстапува местото на новите генерации модни дизајнери, па така, ревиите на студентите од ДУЦОР „Партенија Зографски“ – Скопје, дипломците од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (Технолошко-технички факултет), и студентите при Американскиот универзитет на Европа-ФОН (Факултет за дизајн и мултимедија) ќе бидат само дел од оние што ќе продефилираат низ Градскиот парк.
– Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ ќе се претстави со колекцијата на Шќипоње Абудили, а тука ќе бидат и Европскиот универзитет – Скопје (Факултетот за арт и дизајн), Џолев и уметностите – со нивната школа за дизајн, уметност и технологија „Скала“, и на крајот, тука се студенти од ТМФ при УКИМ, од Институтот за дизајн и инженеринг на облека – ни рече Света Богова Јовановска.

Посетителите на овој „летен“ „Моден викенд“ ќе имаат чест за првпат да се запознаат со Националниот младински совет на Македонија, вклучувајќи го и Првиот саем за вработување млади во модната индустрија.

Ива Дујак од „Креатив токс“ ќе биде модероторка на тркалезната маса на темата „Елаборирање и преиспитување на придонесот на дизајнерите во општеството“.