Фројд тргнува од претпоставката дека за да се биде навистина здрав како возрасен човек, мора да се развие компетентност во областите на љубовта и работата – дури оди дотаму што вели дека „љубовта и работата се темелите на нашата човечност“. Со оглед на фактот дека, според „Ментал хелт Америка“, 70 отсто од вработените во моментов бараат други работни места, се чини дека овој камен-темелник (работниот) почива на несигурна земја, пишува „Сајколоџи тудеј“.
Нашиот однос љубов/омраза кон работата
Се чини дека денешните работници и нивната работа одржуваат врска од типот љубов/омраза. Додека некои на работа наоѓаат лично исполнување, финансиска добивка и поддржувачки пријателства, многу повеќе ја сметаат песната „По ѓаволите со работата“ за своја неофицијална химна. И покрај вознемиреноста, многу луѓе избираат да останат на работни места што отворено ги потценуваат – и не само од економски причини. Небаре написот со ситни букви под логото на повеќето компании гласи: „Ако тука не си мизерен, тогаш не си еден од нас“.
Некои од можните објаснувања за тоа зошто многу луѓе прават толку врева поради несаканите работни места на кои сепак продолжуваат да се појавуваат се следните: Луѓето ги мразат своите работни места, но сакаат да се жалат; Луѓето ја сакаат својата работа, но повеќе сакаат да се жалат; Луѓето не знаат тивко да ги мразат своите работни места.
Јасно е дека има луѓе чии работни позиции вклучуваат и некои прилично непријатни должности. Меѓутоа, она што повеќето луѓе го мразат во однос на својата работа не мора нужно да се однесува на самите должности. Почесто, вообичаени фактори за незадоволство се малиот раст на минималната плата, недостатокот на можност за професионално напредување, прекувремените работни часови (често недоволно платени), работната средина која не успева да мотивира за тимска работа или, пак, шефот кој не ви дозволува да работите со флексибилно работно време.
Чувството на очај, предизвикано од поминување голем дел од денот во амбиент полн со други очајни луѓе е секако причината зошто многу од нас ги посочуваат своите соработници како примарен извор на својот стрес. Ова може да биде и објаснување за застрашувачката статистика, која покажува дека повеќето срцеви удари се случуваат во понеделник наутро.
Од социолошка перспектива, може да се каже дека самиот чин на работа поминува низ многу трансформации. Имено, тука е физичката работа за задоволување на основните потреби, макотрпната работа за качување по скалата на успехот, принудната работа за да ги задоволиме потребите на индустриската револуција и на крајот – работата од љубов, во која доаѓаме до личен раст и исполнување.
Фактот што толку многу луѓе ја оценуваат работата како штетна за нивното психолошко и физичко здравје сугерира дека нивните „породилни работни болки“ не раѓаат засилена самодоверба за самите себе, туку, наместо тоа, водат кон намалени чувства за самопочит. Оваа неусогласеност меѓу очекувањата и реалноста, како и дополнителната економска нестабилност, го поттикнуваат општото чувство дека работата сама по себе е професионален ризик. Конечно, стресот и напорот на крајот од работниот ден добиваат на јачина само кога се придружуваме на хорот од други незадоволни души, кои, наместо да се ослободуваат од негативната енергија, ја креваат до токсични нивоа.
Научете тивко да го мразиме вашето работно место
Ако Фројд бил во право, ќе треба да изнајдеме начини да бидеме среќни или, барем, задоволни со нашите работни места. Ова не значи дека се предаваме на чувството на мизерност, туку, наместо тоа, дека откриваме начини да најдеме смисла во него. Понатаму, тоа не значи дека мораме да „скокаме“ од работа на работа, очајно барајќи ја онаа наменета само за нас, која никогаш нема да не разочара или остави на цедило. Всушност,тоа значи дека мораме да ја ублажиме реториката полна со негатива кога зборуваме за својата работа, но и да научиме како тивко да ги мразиме нашите работни места. Во основа, преведено на обичен јазик – психолошки да ги „спуштиме“ отровните стрели и постојаните расправии за тоа колку се мачиме на работа и да го прифатиме фактот дека стресот е дел од целиот „пакет“.
Тивкото мразење на вашето работно место може да се сведе на неколку едноставни чекори:
1.Признајте си себеси дека, додека не добиете на лотарија, работата е дел од равенката на зрелоста и е од витално значење за секоја фаза од животот
2. Престанете да очекувате луѓето да ги препознаат вашите квалитети ако одбивате да ги покажете
3. Сфатете дека живеењето од плата до плата е сепак подобро отколку да живеете без плата
4. Прифатете дека обидот за блендирање на професионалниот и приватниот живот не носи задоволство – имате работен и приватен живот, колку повеќе ги спојувате двете – толку сте помизерни
5. Побарајте ментори, лични тренери или советници кои можат да ја споделат со вас мудроста, која вели дека ако најдете пат за кариера без пречки, тој веројатно не води никаде
И не заборавајте – без оглед на тоа каква е природата на работата од која заработуваме за живот, незадоволството е дел од светот на вработените. Тоа сепак не значи дека лекот за работно незадоволството треба да се вика „не сакам работа“.
Подготви: Валбурга Батева Николоска