Сопственикот на социјалната мрежа X, позната како Твитер, Илон Маск, изјави дека планира да воведе претплата за користење на X за сите корисници, со цел борба против ботови. Оваа идеја Маск ја изнесе за време на опсежен разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Се префрламе на мала месечна исплата за користење на системот Х – му рекол Маск на Нетанјаху, пренесува „Вераети“.
Маск не кажа колку ќе ги чини новиот план корисниците на социјалната мрежа, ниту кои други функции ќе бидат вклучени во плаќањето. Тој посочи дека тоа ќе биде мала претплата. Тој ја објасни својата идеја како најефективен начин за борба против системот на ботови и додаде дека тоа што за секоја корисничка сметка ќе треба одредена сума пари ќе го намали интересот на оние што формираат такви групи на луѓе. Тој исто така рече дека ќе биде покомплицирано за компаниите што се занимаваат со ботови, бидејќи ќе им биде тешко да најдат голем број различни банкарски картички што ќе бидат потребни за плаќање.
Во моментов на X се наплаќа само сината ознака за верификација, која Маск ја воведе кога ја презеде компанијата, а таа претплата чини осум долари. Верифицираниот корисник има повеќе придобивки од обичниот корисник, а од неодамна има опција да ја скрие својата верификација.