Доколку сакате да започнете со некаков режим на исхрана, а сѐ уште не сте одлучиле кој да го одберете, можеби е добро да размислите за медитеранската исхрана. Токму оваа исхрана е рангирана како најдобра на годинешната листа на најдобри видови на исхрана на компанијата „УС њуз енд ворлд репорт“ за 2022 година, која беше рангирана од панел на експерти. Наместо структурирана исхрана, медитеранската исхрана е повеќе диететски модел заснован на начинот на живот на луѓето што живеат во медитеранските земји, се наведува во извештајот.
Медитеранската исхрана постојано е поддржана од студии што покажуваат корелација со намален ризик од болести, исто така е рангирана на прво место за најдобра здрава исхрана, најлесна исхрана за следење, најдобра исхрана за дијабетес, најдобра исхрана базирана на растенија и најздрава исхрана за срце.
Целта на медитеранската исхрана е да се внесе храна здрава за срцето, која вообичаено се јаде на Медитеранот. Тоа предизвикува луѓето да јадат многу растенија и храна за низок холестерол, како што се мешунките, јаткастите плодови, пченицата, овошјето и зеленчукот. На пример, во оваа исхрана, путерот го заменувате со здрави масти, како маслиновото масло, солта со билки и зачини, а црвеното месо со риба и живина.
Едно од најголемите и најдолги истражувања за ефектите на исхраната врз цревните бактерии, објавено во февруари 2020 година од британскиот медицински весник „Гут“, покажа дека медитеранската исхрана може да има позитивен ефект врз постарите возрасни лица само за една година, со намалување на процентот на лоши и зголемување на количеството на добри бактерии.