Американскиот милијардер Илон Маск изјави дека ќе лансира вештачка интелигенција (ВИ), која ја нарекува ТрутГПТ, пренесува „Ројтерс“.
– Ќе лансирам нешто што го нарекувам ТрутГПТ или вештачка интелигенција што ја бара вистината и која се обидува да ја разбере природата на универзумот – рече Маск во интервју за Фокс њуз.
Тој верува дека ова би можело да биде најдобриот пат до безбедноста, во смисла дека постои вештачка интелигенција што се грижи за разбирање на универзумот и која нема да го уништи човештвото, бидејќи ние, луѓето, сме интересен дел од тој универзум.
Планот на Маск е очигледен предизвик за ЧетГПТ, популарниот четбот на компанијата „ОпенАИ“.
„ОпенАИ“ моментално е најсовремената форма на вештачка интелигенција, со која можете да разговарате текстуално, да ви даде одговори на голем број прашања, да напишете код, песна, да поправите грешка во програмата итн.