Песни што ме тераат да играм

Некаде четири-пет години по почетокот на новиот милениум се наоѓам во Софија со Маја. Рано наутро е и одиме да јадеме од бугарското тогаш прочуено кисело млеко. Најдоброто кисело млеко се наоѓало зад автобуската станица и одиме таму. Денот е полуоблачен, средина на септември. Ни се оди во тоалет и каде, па нормално во автобуската станица каде што имаше повеќе менувачници отколку перони за продажба на карти. Празно е и дуќаните сѐ уште не се отворени. Пред една од тие менувачници го гледаме Масимо Савиќ. „Come Va Signor Moreno“, му велам иако не го познавам, а знам дека мајка му е вистинска Италијанка и дека дел од животот го поминал во Италија. Масимо се збуни, поцрвене, „Va bene“ ми вели. И продолживме неврзан муабет, на српскохрватски. Немаше проблеми да комуницира со непознати. Менувачницата беше веднаш до влезот на тоалетот. Во тоалетот се влегуваше со метални пари што се ставаат во апаратот. Апаратот беше составен од едно тркало со три метални дршки. Ја ставаш парата, се дига металната дршка, поминуваш и по тебе се затвора влезот со друга метална дршка, со една пара само еден може да влезе. Јас и Маја ставивме пари и влеговме. По пет минути, јас излегувам. Масимо сѐ уште чека да се отвори менувачницата. Правиме муабет, му кажувам дека сум го гледал Дориан Греј неколкупати, дека некако многу е стерилна таа негова музика од тој период. Поминуваат дваесетина минути. Маја сѐ уште не е излезена. Во еден момент доаѓа едно момче што зборува бугарски и сака да влезе во тоалетот. Првпат се сретнува со таков автомат, пробува со сила, бутка, влече, пцуе, го боли ногата и не може да ја прескокне металната дршка. Нѐ прашува мене и Масимо како да влезе. Ставам паричка во направата и тој влегува во тоалетот. Во тој момент излегува Маја од тоалетот, не го виде Бугаринот и застанува со нас двајца да се досреди.

По неколку минути излегува Бугаринот од тоалетот, поминува покрај нас, целиот насмеан, го дига показалецот и ми вели мене приближно вака: „Фала ти, супер беше“. Маја во чудо ме гледа, а јас озбилен ѝ викам: „Абе што да правам кога ме бива“, а Масимо се гази од смеење. Велат дека човек можеш да го видиш каков е кога се смее. Од таа насмевка на Масимо се гледаше отвореност, но и плашливост, немање храброст, како големо дете што со отворени очи љубопитно, нерасипано пробува да открие нешто ново, но се плаши што ќе речат другите. Се смееше со полна уста, која дополнета со неговата совршена скроена облека за него и тенкото репче одзади оддаваше впечаток како некој добар вонземјанин да влегол во човечки облик и дојден е на Земјата да го подобри човечкиот род. И навистина кога ќе се погледне целиот негов опус како да не е настанат на оваа планета, не само музиката и текстовите туку и самата изведба, но и процената која песна да ја земе од друг автор. На почетокот на неговата соло-кариера, каде што претежно беше автор тој, но и Зринко Тутич (заедничка соработка од четири албуми), како да недостигаше некоја ситница за да донесе сето тоа вулкани таму некаде. Соработката со други автори како Предраг Матрњак, „Сузе нам стале на пут“, Драган Брнас и Ени Кондич, „Гдје смо сад“, Сандро Бастианич, „Тишине“, Арсен Дедич, Инес Прајо и Арјану Кунштек, „Одједном ти“, Иван Дечак, „Мали круг великих људи“, Руњич, „Стине“, Срџан Секуловиќ, го донесе Масимо на самиот врв на балканската сцена, значи експлодираше заспаниот вулкан носејќи лава во срцата на слушателите. Ако има некоја песна што подобро ја отсликува душата на Масимо, оној дел од кој длабоко во себе се плаши дека не може никако да го добие тоа е песната „Научи ме како вољети“. Неговата изведба е безвременска (евентуално Дамир Урбан може да му се доближи) и само тој може да внесе таков тип емоции со висок интензитет, со сите стравови и надежи, а може затоа што го зборува од неговото сопствено искуство.

„Научи ме како вољети, звијезду моју дотакни, пробуди ме и недај немире, ту крај наше постеље, Јер све што радим, радим само за тебе, сад је вријеме, научи ме, како вољети, Стотину пута сам се продао, за лаку ноч грешке додавао, на корак до дна сам те пронашао, а нисам знао шта то значи сањати, сад је вријеме, научи ме, Како вољети, Научи ме како вољети, из праха створи обрисе, отвори ме и пусти страхове, страсти своје подсјети, Покажи ми лет твојим висинама, приближи на трен најлепшим сликама, кад знаш да волим те, молим те, волим те, научи ме како вољети“. Посебно искуство е Масимо во живо на концерт, а таму тој – хуманоидниот добар вонземјанин, така слаб и висок, како врба, складно облечен, обично седнат на столче, емоции што те погодуваат со секој збор, со секој такт и од групата што го следи во заднина давајќи го целиот простор за него мајсторот со неверојатен глас, темпо, и огромно количество љубов што ја праќа на публиката. Според филозофијата на „Ѕвездените патеки“, добрите вонземјани се бесмртни, значи Масимо е жив, и тоа во тебе, мене, нас, вас. Масимо фала ти за сѐ и се надевам дека пред да отидеш таму некаде научи како се сака, затоа што тоа е најголемата доблест што може да се понуди на планетава Земја.

Љупчо Давчев