Невидената трагедија што се случи во Кочани за време на настапот на групата „ДНК“, поради страшниот пожар, предизвика реакции и од голем број познати личности, кои ги изразија своето неверување, тага, болка и сочувство преку социјалните мрежи. Меѓу нив и познатите уметници од македонската естрада, кои први се огласија на своите профили.
Каролина Гочева, неутешна и скршена од болка, изрази најдлабоко сочувство до семејствата на трагично згаснатите млади животи…
– Толку прерано згаснати животи, таква неопислива болка за толку многу семејства, каква страшна трагедија! Нема утеха, само голема тага и ужас… Најдлабоко сочувство до сите кои ги изгубија своите најмили – напиша таа.
Елена Ристеска исто така избезумена и со неверување ја примила веста за големата трагедија, па на својот Инстаграм го споделила шокот што ја обзел и изразила сочувство до семејствата на починатите млади луѓе…
Пејачката Бојана Скендеровски, како и целата јавност, не може да поверува и да се помири со трагедијата, која однесе над 50 млади животи…
И младата пејачка Марија Спасовска, која токму со ДНК беше дел од турнејата „Македонијо во срце те носиме“, со симболично скршено срце и Македонија завиена во црно сподели свое жалење за трагедијата во Кочани…
Лидерот на „Меморија“, музичар и актер, Петар Георгиевски–Камиказа симболично со насловот од една од најпознатите балади на бендот ја изрази својата тага за трагедијата во Кочани…
Пејачката Калиопи исто така се огласи.
– Потресена сум и во неверување… Искрено сочувство до семејствата на настраданите… Македонијо моја…. – напиша таа.
Антонија Гиговска, пак, напиша: „Јас сум во шок и неверување! Каква трагедија, каква тага… Македонија плаче. Сочувство до семејствата на трагично загинатите.. Ова е болка за сите…“.