Според новите научни истражувања, луѓето во Шпанија консумирале халуциногени дроги пред околу три илјади години. Имено, влакна од гробница во Менорка покажуваат дека древните човечки цивилизации користеле лекови добиени од растенија и грмушки. Се верува дека тоа е најстариот директен доказ во Европа за луѓе што земаат халуциногени дроги. Истражувачите откриле дека лековите би предизвикале делириум и халуцинации.
Наодите, објавени во списанието „Сајентифик репортс“, покажаа знаци на човечка активност во пештерата Ес Кариткс, на југозападната страна на Менорка. Во пештерата има повеќе од 200 човечки гроба, а се верува дека служела како ритуално и гробно место од околу 600 година до 800 година пр. н.е.
Истражувачите откриле дека супстанциите, кои биле доста силни, можеби се користеле како дел од ритуалите што се одржувале во пештерата. Тие можеби вклучувале и шамани што можеле да ги контролираат несаканите ефекти на билните лекови.
Анализата на прамените коса, кои биле обоени во црвено за време на античките ритуали и можеле да потекнуваат од неколку луѓе, открила три психоактивни супстанции. Заедно со атропинот и скополаминот, кои предизвикуваат халуцинации, научниците открија и ефедрин, кој ги зголемува енергијата и будноста.
Истражувачите забележале и дека во пештерата биле пронајдени садови со спирални мотиви врежани на капаците. Некои научници, како што се наведува во извештајот, веруваат дека тоа претставува „променета состојба на свест“ на една личност додека е под влијание на халуциногени дроги.
Претходните докази за праисториска употреба на дрога во Европа беа засновани на индиректни докази, како што е појавата на дрога во уметничките прикази.