Милиони животи би можеле да бидат спасени со револуционерен сет на нови вакцини за низа состојби, вклучувајќи рак, кардиоваскуларни и автоимуни болести. Овие вакцини треба да бидат готови до 2030 година. Некои истражувачи велат дека благодарение на успехот на вакцината против коронавирусот дошло до 15-годишен напредок во рок од 12 до 18 месеци.
Новите вакцини, чие истражување е многу ветувачко, исто така се направени на база на мРНА и ќе работат така што ќе ги „учат“ клетките како да направат протеин што го активира имунолошкиот одговор на телото на болеста.
Вакцината за рак базирана на мРНА ќе го предупреди имунолошкиот систем за ракот што веќе расте во телото на пациентот, за да може да го нападне и уништи, без да ги уништи здравите клетки. Таа би била персонализирана на таков начин што докторот прво би направил биопсија на туморот и по лабораториските испитувања, оние антигени што се конкретно потребни би биле спакувани во вакцината.
Д-р Пол Бартон, главен медицински директор на фармацевтската компанија „Модерна“, рече дека верува оти компанијата ќе може да ги понуди овие вакцини за „сите видови болести“ за само пет години. Тие создадоа вакцина што цели на различни видови тумори.
– Ќе ја имаме таа вакцина, која ќе биде многу ефикасна и ќе спаси стотици илјади, ако не и милиони животи. Мислам дека ќе можеме на луѓето низ светот да им понудиме персонализирани вакцини против многу различни видови тумори – рече Бартон.