Научниците од САД неодамна спроведоа медицински експерименти насочени кон спречување на штетните ефекти од зрачењето врз телото во случај на радиоактивен напад.

Денес, можностите за спречување и лекување на оштетувањето од зрачење се многу ограничени, па лек што е во состојба ефикасно да ја отстрани радиоактивната контаминација од телото би бил пресвртница во одбраната од отровот, кој досега се смета за незапирлив.

ХОПО 14-1 е експериментален лек што, доколку експериментот е успешен, би можел да ги заштити и да ги лекува жртвите од нуклеарни катастрофи со врзување (исто така наречено хелирање) и исфрлање контаминирани тешки метали од телото. Се верува дека е ефикасен против ураниум и други супстанции што се користат во нуклеарното оружје, како што се „валканите бомби“ (конвенционални бомби со додаден нуклеарен отпад или радиоактивни материјали) или балистички проектили. Лекот може да биде ефикасен и против труење со олово. Првото клиничко испитување на луѓе ќе опфати 42 учесници, кои ќе бидат третирани со различни дози за да се утврди безбедноста на лекот. Резултатите ќе бидат објавени во 2024 година.

Досега, ХОПО 14-1 нема одобрение од ФДА и не е достапен дури и во итен случај. Денес на пазарот веќе постои соединение што ги врзува радиоактивните метали, но „ХОПО терапјутикс“ вели дека молекулите на ДТПА го осиромашуваат телото со врзување на есенцијалните јони (како што се цинкот и магнезиумот), додека нивниот лек не дејствува на таков начин.

Постојат две други инјекции на лекови што може да се користат за лекување луѓе што биле изложени на радиоактивен плутониум, американциум или куриум. Експертите, исто така, со децении знаат дека таблетите со јод може да се даваат за да помогнат во заштитата на луѓето доколку радиоактивен јод се испушта во околината. Јодот им бил даден на луѓето кога се случила нуклеарната несреќа во централата во Чернобил во 1986 година.

Друга таблета, пруско сина (калиум железо хексцијанопрат), може да помогне во отстранувањето на радиоактивниот цезиум и талиум од телото, пишува „Џерусалем пост“.