Фото: Пиксабеј

Научниците од Универзитетот во Оксфорд го создадоа најголемото светско семејно стебло во историјата, поврзувајќи околу 27 милиони луѓе – живи и мртви – од целиот свет, пренесоа светските медиуми.

Експанзивната генеалошка мрежа, за која истражувачите велат дека е најголемата човечка генеалогија досега, открива како поединците ширум светот се поврзани едни со други. Студијата обработувала податоци од живи луѓе кои дале примероци, како и остатоци од праисториските луѓе – неандерталци, денисовци и мало семејство кое живеело во Сибир пред повеќе од четири илјади години.

– Со проучување на модерните и древните секвенци на човечкиот геном, откривме досега непознати карактеристики на нашето еволутивно минато. Како што напредува и забрзува обработката на податоците од геномот – преку секвенционирање на биобанки на ниво на популација и антички примероци од целиот свет – расте потенцијалот за сè подетално разбирање за тоа како видовите еволуирале – велат истражувачите од Институтот за големи податоци на Универзитетот во Оксфорд.

Проектот, објавен во списанието „Саенс“, е опишан како „огромно семејно стебло“од авторот и еволуционерен генетичар д-р Јан Вонг.

– Во основа изградивме огромно семејно стебло, генеалогија за целото човештво што достигнува до каде што може, реконструиравме историја што ги создаде сите генетски варијации што ги наоѓаме кај луѓето денес – вели Вонг.

Ваквиот метод, според Вонг важи за повеќето живи суштества.

– Оваа генеалогија ни овозможува да видиме како генетската секвенца на секоја личност е поврзана една со друга, по сите точки во геномот. Иако луѓето се во фокусот на оваа студија, методот важи и за повеќето живи суштества; од орангутани до бактерии. Тоа би можело да биде особено корисно во медицинската генетика – заклучува Вонг.