Компанијата за авантуристички патувања „Бакет лист“, земајќи ги предвид пребарувањата и позитивните реакции на социјалните мрежи, ја претстави листата на најпопуларните светски кујни, а интересно е што корејската кујна се најде на првото место.
Кога станува збор за најомилените кујни во светот, има неколку очигледно омилени. Тука е италијанската, со својата непобедлива комбинација на пица и тестенини, а особено се популарни индиската и мексиканската, како и префинетата француска кујна.
Меѓутоа, за да дознае која е моментално најпопуларна кујна во светот, компанијата „Бакет лист“ ги анализираше нивоата на ангажман на платформите на социјалните медиуми како Тикток, Инстаграм и Редит. Конечното рангирање беше засновано на вкупниот износ на позитивна интеракција.
Така, резултатите покажаа дека корејската кујна во моментов е најпопуларна на глобално ниво. Оваа кујна главно се базира на ориз, зеленчук, морска храна и месо. Млечните производи најчесто отсуствуваат од традиционалната корејска исхрана.
Интересно е што традиционалните корејски јадења се именувани по бројот на прилози, а вообичаени состојки се масло од сусам, доенџанг (паста од ферментиран грав), соја-сос и лук.
Следна на листата е италијанската, која очекувано може да се пофали со неверојатен број месечни пребарувања на социјалните мрежи, а потоа следува мексиканската, која избалансира голем обем севкупен ангажман со многу позитивни интеракции.
Листата на десетте најпопуларни кујни во светот, според „Бакет лист“, ги вклучува: корејската, италијанската, мексиканската, јапонската, индиската, кинеската, тајландската, виетнамската, филипинската и турската кујна.