Денот на планетата Земја во 2024 година се фокусира на темата „Планетата против пластиката“. По тој повод, Еди Мукиби, претседател на мрежата на пазари „Слоу фуд“, порача дека е итно уште еднаш да се осуди прекумерната употреба на пластика во прехранбениот сектор, од производството до дистрибуцијата. Затоа што нејзиното присуство е штетно за животната средина, животните и за здравјето на луѓето.
– Постојат алтернативи за оваа масовна употреба на пластика, решенија веќе усвоени и ставени на место од страна на локалните „Слоу фуд ерт маркетс“. Итно ги повикуваме политичарите и лобистите да усвојат поширока и помудра визија, да ги остават настрана личните економски интереси и да ја погледнат иднината на светот. Нашата иднина – вели Еди Мукиби.
Размислување за широката употреба на пластиката во нашите животи
Темата на Денот на планетата Земја, „Планета против пластика“, поттикнува размислување за широката употреба на пластиката во нашите животи, особено во производството на храна и во земјоделството. Според извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), во 2019 година, глобалното земјоделско производство трошело најмалку 12,5 милиони тони пластика годишно, што претставува речиси 3,5 отсто од вкупното глобално производство на пластика. Значителен дел од оваа пластика се користел во пакувањето на храната. Поточно, ФАО процени дека растителното производство и сточарството учествуваат со 10 милиони тони, потоа рибарството и аквакултурата со 2,1 милиони тони и шумарството со 0,2 милиони тони.
Покрај тоа, фрлената пластика има тенденција да се разградува во помали честички познати како микропластика. Овие микропластики можат да се акумулираат во почвата и да им наштетат на корисните организми неопходни за здрава почва и за раст на растенијата. Овие микропластики потоа се пренесуваат во синџирите на исхрана и можат да ги загрозат безбедноста на храната и потенцијално здравјето на луѓето.
Глобалната мрежа за бавна храна, посветена на обезбедување пристап до добра, чиста и правична храна за сите, имплементира конкретни решенија за намалување на употребата на пластика и трансформирање на процесите на производство и дистрибуција на храна, покажувајќи им на институциите и на граѓанското општество дека постојат остварливи решенија.
– Одличен пример е „Слоу фуд еарт маркетс“, пазар на фармери каде што локалните мали производители можат да се здружат и да им ја продаваат својата храна директно на потрошувачите, а она што ги прави навистина уникатни е нивната способност да создаваат позитивни социјални врски – вели Мукиби. Во системите за храна, одржливоста се однесува на производството, пакувањето и управувањето со отпадот.
– Производителите на „Еарт маркетс“ низ светот сѐ повеќе се обидуваат да ги вклучат потрошувачите во кружна економија, која ги заштитува не само нивните средства за живот туку и планетата – заклучува тој.
Мрежата на пазари за бавна храна низ светот
Како пример е претставена мрежата на пазари за бавна храна низ светот и различните мерки што тие ги презеле за намалување на пластиката во нивните системи за храна.
– Во Тарсус во Турција во моментов организираме семинари и работилници за да ги едуцираме пазарните производители и клиенти за штетното влијание на пластиката и предметите за еднократна употреба. Дополнително, истражуваме алтернативни материјали за пластиката и се стремиме да дадеме пример за другите пазари во регионот и земјата. Првично, посетителите може да бидат изненадени, но по повторните посети, тие често носат платнени ќесиња. Светот достигна критична точка во употребата на пластика, а ние сме посветени да ги едуцираме нашите потрошувачи – вели координаторката на пазарот, Јасмина Локманоглу.
Во Богота, Колумбија, производителите работеа на иницијативи за рециклирање шопинг-ќесиња од 2017 година, создавајќи ткаенина чија идејата е да се даде замена за постојните ќесиња што најчесто се користат само неколкупати или неколку моменти.
Од 2020 година во Канада е имплементиран прогресивен модел за управување со нула отпад, кој ги нагласува образованието, превенцијата, управувањето со сегашниот отпад, повторната употреба, надградбата и компостирањето.
Во Мексико е даден приоритет на намалување на пластиката за еднократна употреба во своите активности. Огромното мнозинство од производителите користат стаклена амбалажа секогаш кога е изводливо и воспоставуваат специфична динамика со нивните потрошувачи за враќање на пакувањето.
Во Порторико се спроведува серија на иницијативи за намалување на отпадот и промовирање на повторната употреба. Производителите на сокови користат повеќекратни стаклени шишиња од 32 унци, додека продавачите на јајца собираат и повторно користат кутии од јајца.