Одбележан Светскиот ден на книгата

Вработените во библиотеката „Григор Прличев“ на пригоден и свечен начин заедно со читателите го прославија 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право. Директорот на библиотеката, Милчо Јованоски, се осврна на работата на установата во изминатиот период и ја пренесе и годинашната меѓународна порака во чест на денот од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.
– На Светскиот ден на книгата и авторското право во 2024 година, би сакале да ја потенцираме значајноста да ги прославуваме моќта и убавината на книгите. Книгите, во сите нивни форми, ни овозможуваат да учиме и да се информираме. Тие исто така нè забавуваат и ни помагаат да го разбереме светот, притоа нудејќи прозорец кон другоста. За книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат јазичната разновидност на нашиот свет. Сепак, тоа е далеку од тоа да биде случај денес. Мнозинството дела се објавени на само неколку јазици, а дигиталната технологија го отвора прашањето за лингвистичка хомогенизација. Сепак, секој пишан јазик со себе носи одреден светоглед, со своите симболи и неговите вредности – напиша Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.
На настанот во охридската библиотека, македонската порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, која ја напиша Ива Дамјановски, поетеса, пијанистка, композиторка, ја прочита Мариче Боздоганова, библиотекарка советничка.
– Задачата на еден поет е да го земе она што е одвратно и грдо и да го претвори во естетски објект, задачата на еден автор на книжевно дело е да ја претвори во значење баналноста на материјалното постоење. Но и кога не станува збор за уметничка литература, книгите се приказни, без оглед на тоа дали раскажуваат за нечија едноставна емоција или за начинот на кој функционира квантната механика. И еден учебник по органска хемија е возбудлива приказна за почетоците на еден вид кој ја има неверојатната способност да пишува учебници по органска хемија – порача Ива Дамјановски.

На настанот беа прогласени најчитателите во категориите возрасни и деца, највозрасниот и најмладиот читател во 2023 година во библиотеката. Најчитателката Христина Петреска во една година прочитала дури 139 книги, втора е Марија Петковска со 111 прочитани книги, а на третото место со 105 прочитани книги е Јорданка Митаноска, сите од Охрид. Листата на тројцата најчитатели во 2023 година во детското одделение изгледа вака: најчитателка е Јована Снегарова со 62 прочитани книги, а следуваат Бисера Ангелоска со 54 и Иван Аслимоски со 41 прочитана книга. Највозрасен зачленет читател во библиотеката во Охрид е Благородна Тасевска, родена 1932 година, а најмлад читател е Маја Наумоска, родена 2022, која наградата ја прими во придружба на родителите. На 30 донатори на книги во 2023 година од Охрид и од целата земја им беа врачени благодарници.
Беше прогласен најдобриот млад библиотекар, Бојана Башоска од ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани, под менторство на Емилија Митреска. Таа ќе го претставува Охрид на републичкиот натпревар во Куманово на 21 мај. На регионалниот натпревар „Млади библиотекари“ одржан на 15 април учествуваа шест општински училишта со вкупно 14 натпреварувачи. Денеска благодарници добија и сите учесници и ментори.
Настанот беше заокружен со врачувањето на наградите од манифестацијата „Напиши стих – купи кафе“ организирана во чест на Светскиот ден на поезијата, 21 Март.

Наградени се авторките: Даниела Илијоска, Маја Мојсова и Силвана Јованоска.
Младите флејтистки од ООМУ „Методи Патче“ од Охрид, Бојана Размоска, Тијана Шутароска и Ана Јованоска од класата на професорката Нина Момировска, го збогатија настанот со својот настап.
Светскиот ден на книгата се прославува од 1923 година, кога книжарите во Шпанија се собрале да му оддадат почит на познатиот автор на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, кој починал токму на 23 април. Идејата била да се поттикне размената на книги наместо рози, како што се празнувало. А датумот беше официјално признаен како Светски ден на книгата од УНЕСКО во 1995 година, поради фактот што се совпаѓа со смртта на авторот, Сервантес, како и со смртта на најголемиот драмски автор на сите времиња – Вилијам Шекспир. В.Д.