Денес, 10.09.2026 година, од страна на Штаермеркише Шпаркасе Групацијата беше официјално поднесенo Известување за намера за преземање на сите запишани обични акции издадени од Уни Банка АД Скопје.
Објавувањето на намерата за преземање претставува прв, иницијален чекор во процесот. Самата реализација на трансакцијата и понудата за преземање во претстојниот период подлежат на законски и регулаторни процедури, кои вклучуваат задолжително прибавување на претходни согласности и одобренија од надлежните институции во Република Северна Македонија како и од соодветните меѓународни регулаторни тела.
Во тој контекст, Штаермеркише Шпаркасе Групацијата останува целосно посветена на успешно, транспарентно и одговорно спроведување на сите наредни чекори во согласност со важечките прописи и највисоките професионални стандарди.
– Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст. Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Северна Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина – изјави Георг Бухер, Претседател на УО на Штаермеркише Шпаркасе и Претседател на Надзорниот Одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.
Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Северна Македонија од 2008, со сегашна вкупна актива од скоро две милијарди евра во земјата. По преземањето на Уни Банка, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17 %.
































