Фото: Фејсбук/Мирчо Чуков

Вчера не напушти уште една легенда на македонската забавна музика. Ненадејно престана да чука срцето на Мирчо Чуков (67), вокалист и клавијатурист на легендарната македонска група „Интервали“.

Тажната вест, која сите не затече, брзо се прошири на социјалните мрежи, а со избрани зборови голем број негов блиски, пријатели и почитувачи се збогуваа од него.

Неофицијално, како што обично се случува со луѓето кои имаата јавни професии, Мирчо починал на настап, односно во паузата, кога му се слошило и веднаш му била укажана лекарска помош, но попусто.

Чуков, во последните триесетина години настапуваше со „Интервали“ заедно со сопругата Снежана и беа одличен тандем и во животот и на сцената. Групата својата најгоелма популарност ја имаше во 1990-те кога беше чест гостин на фестивалските сцени, а песните испеани тогаш, скоро сите се евергрини. Меѓу нив е и нивниот најголем хит „Ех да сакаш“, со која 1990 победија на „Макфест“, а ги испејаа и: „Плачела“, „Ноќта е створена за грев“, „Те молам немој“ и многу други.

„Интервали“ по повеќегодишна пауза настапија и на „Макфест 2021“ во Штип , кога се сретневаме и поразговаравме. На макфестовската сцена лани , тие испејаа една вистинска химна, песната „За сите години“, во придружба на хор на сцената, чиј автор е Григор Копров, а текстот го напиша Александар Стаматовски. И тогаш уште еднаш во живо го слушнавме моќниот, незаборавен глас на Мирчо.

– Настапивме на првото издание на овој престижен фестивал во 1986 година со песната „Разбуди се Дана“, а тука ги доживеавме и ѕвездените мигови, исполнувајќи го нашиот најголем хит „Ех да сакаш“. До 1996 г. бевме постојано присутни во Штип, а потоа направивме долга пауза, иако постојано сме активни со бендот. Тука сѐ е сменето, ги нема децата што трчаат за автограми, онаа позната раздвиженост, но сѐ уште се чувствуваат радоста на сите учесници и желбата за дружење – ни рекоа во таа прилика Мирчо и Снежана Чукова од групата „Интервали“.

За жал , Мирчо кој живееше во Ново Село, Струмичко, каде што предаваше музичко образование во ООУ „Мануш Турновски“ не можеше ни да се израдува на своите пензионерски денови, бидејќи пред само неколку месеци замина во пензија. Тој неодмана стана и дедо, но не успеја во живот дда му израдува ниту на своето внуче, бидјеќи животот често нагло ги прекинува нашите врвици и соништаа.Сепак останаа песните и спомените. На дел до нви се потсетија и неговите бројни пријатели.

Градоначаникот на Ново Село, Петар Спасов, во својата објава на социјалните мрежи напиша:

„Не поврза животот, бев дел од твоето творење – бев градоначалник на општина чиј амбасадор за музика беше токму ти, ја задолжи општината со општинската химна ,,Дел од рајот“, на твоето Ново Село духовно му се оддолжи со формирањето на хорот „Свети Ѓорѓи“, се дружевме , творевме, пеевме па и пиевме – едноставно убаво живеевме пријателе мој! Ја задолжи и македонската забавна музика. Горд сум горд што некои стапалки од животот ги минавме заедно!“.

Се огласи и популарниот интерпретатор Ѓоко Ѓорчев.

– Македонија изгуби денес еден од најдобрите вокали, прекрасен човек и другар. Не можеше да се случи ако наминам каде што настапуваа „Интервали“ да не ме викне да испееме нешто заедно. Беше голем другар и многу ведар и весел човек. Неговите забави со Жане беа незаменливи, знаеше целиот ресторан да го крене на нога. Многу се почитувавме и како луѓе и како колеги. Мирче почивај во мир и нека ти биде патот светол до вечноста – ни рече Ѓоко Ѓорчев.

Новинарот, телевизиски водител и поет Ѓорѓи Калајџиев од Струмица, исто така со голема тага се прости од Мирчо.

„Еее мој друже – ,,Евергрину мој“. Бев горд кога ја испеа таа песна на мој текст, оти знаев дека ја пее најдобриот. Денес среде бел ден, среде пролет и среде Велигден, ми донесе во срцето и душата ,,Сибирски ноќи”… ,,Го молам небото” да ми те чува…Мирчо мој“ – напиша Калајџиев.

Познатиот македонски мзуичар Ивица Јорданов, исто така бил многу близок со Мирчо и ни рече дека се слушнале пред неколку месеци, кога му го честитал пензионирањето.

– Мирче, средбите, муабетите со тебе ми беа секогаш пријатни. Имаше што да се чуе и научи од тебе. Напорави многу музички дела и задолжи многу музички генерации пробивајќи им пат. Струмица и Македонија сега се посиромашни за уште едне музички великан. Преку твоите песни ќе живееш долго меѓу нас – се прости од пријателот и колега Ивица Јорданов.

Песната „Е да сакаш“, испеана првпат на „Макфест“ 1990 година