Ако се обидете да станете еден час порано наутро, а потоа кога ќе се вклучи алармот само го одложите, немојте да бидете премногу строги спрема себе.

Иако се смета дека најуспешни луѓе се ранобудниците, не брзајте со заклучоците. Според зголемениот број студии, квалитетниот сон е единствениот услов за да бидете продуктивни во текот на денот.

Истражувачите од „Бригам енд вименс хоспитал“ во Бостон ги следеле шемите на спиење на 61 студент што работеле 30 дена со полно работно време на колеџот „Харвард“. Иако сите студенти спиеле приближно ист број часови, оние што легнале и се буделе во различни периоди во текот на неделата имале поголема веројатност да покажат послаби резултати во извршувањето на нивните обврски во споредба со оние што се придржувале до истиот распоред на спиење.

Резултатите покажуваат дека одењето во кревет и будењето во исто време се позитивно поврзани со добрите академски перформанси, велат авторите на студијата.
Други истражувања ги поддржуваат значајните здравствени придобивки од редовниот распоред на спиење. Во 2018 година, истражувачите од универзитетот „Бејлор“ спроведоа слична студија за навиките на спиење кај студентите за дизајн на ентериер.

Она што го открија не беше изненадување: колку беше понеправилен распоредот за спиење на студентите, толку полошо ги извршуваа задачите во текот на неделата.
Значи, ако станувањето во зората звучи како мачење, слушајте го вашето тело и поставете го алармот на време што е поподносливо за вас – и држете се до тој распоред во текот на целата недела. Здравјето и ефикасноста одат рака под рака, а квалитетниот сон е клучна алка во овој синџир.