Нова едиција за самопомош

Ментално здравје, бизнис и лидерство, личен развој, врски, здравје, животен стил, семејство и родителство се само дел од темите што го засегаат современиот човек, а кои ги опфаќа новата книжевна едиција „Шелф хелп“ на издавачката куќа „Арс ламина“. Станува збор за едиција со кратки и практични водичи за самопомош, кои помагаат во подобрување на животот на читателите.
Книгите се поделени во неколку поткатегории, со цел да понудат фокусирани и ефективни решенија за секојдневните предизвици.
– „Шелф хелп“ вклучува повеќе интернационални наслови, од кои трите први книги веќе се излезени од печат. Меѓу нив се: светскиот бестселер „Фенг шуи во вашиот живот“ од Мари Дајмонд – кој е водич во тоа како да го искористите домот за привлекување на животот од вашите соништа; „Кон повисоко ниво“ од Роб Дајл – што открива како да се фокусирате, да престанете со одложување и да го подобрите вашиот живот; водичот со вежби и активности „Црвена линија“ од Џулијан Тејлор Шор – кој открива како да поставите граници за да ги зачувате вашата енергија и менталното здравје – велат од „Арс ламина“.
Наскоро се очекува да бидат објавени и книгите „Француската уметност на доброто живеење“ од Кети Јандел, за тоа како да ја пронајдете радоста на животот во вашето секојдневие, и „100 начини како да го промените вашиот живот“ од Лиз Муди, а тоа како да го подобрите вашето здравје, да ги унапредите вашите врски и да постигнете успех и среќа.
– Во иднина едицијата ќе биде дополнета со уште многу други наслови. „Шелф хелп“ е идеална за сите што сакаат да направат позитивни промени во својот живот и да се соочат со предизвиците на модерното време, затоа што неопходната помош доаѓа од полиците – вели издавачот.