Оние што избегнуваат да пијат чај од филтер-ќесички можеби се во право, бидејќи научниците во Шпанија открија траги од микропластика што влегува во човечките клетки откако ќесичките со чај ќе се потопат во вода. Истражувањето на тимот од Автономниот универзитет во Барселона, Универзитетот „Сохаг“ во Египет и од центарот за истражување на животната средина „Хелмхолц“ покажа дека комерцијалните полимерни ќесички со чај можат да ослободат милиони честички нанопластика и микропластика.
Тимот вели дека студијата покажала дека огромен број од овие честички се апсорбираат во цревните клетки, преминуваат во крвотокот, а потоа и низ целото човечко тело.
– Експериментите што се фокусираа на биолошките интеракции покажаа дека цревните клетки, кои произведуваат слуз, имаат најголем потенцијал да ги примат микропластиката и нанопластиката, па честичките навлегуваат дури и во клеточното јадро, кое содржи генетски материјал – објаснуваат истражувачите, нагласувајќи ја очигледната клучна улога што ја игра цревната слуз при носење на пластиката подлабоко во човечкото тело.
Потенцијалните здравствени импликации на еколошките микро/нанопластики се сè позагрижувачки, рече тимот во студијата, повикувајќи на понатамошни истражувања за ефектите што може да ги има хроничната изложеност врз здравјето на луѓето. Истражувањето објавено минатата година покажа дека пластичните честички можат да навлезат во мозокот и во тестисите, да се пренесат од бремена мајка на нејзиното неродено дете, како и да ја спречат ефикасноста на антибиотиците.