Забраната на Калифорнија за продажба и производство на нови производи од животинско крзно официјално стапи во сила на 1 јануари 2023 година, со што стана првата американска држава што официјално ѝ стави крај на трговијата со крзно во своите граници.
Како што пренесуваат американските медиуми, новиот закон се однесува само на продажба на нова облека со крзно. Законот не влијае на правото на поседување крзно, а носењето крзнена облека во земјата останува легално.
Законот не влијае на продажбата на користени производи од крзно преку непрофитни продавници за половна облека, продавници за половни производи или заложни продавници, ниту, пак, влијае на продажбата на предмети направени од други производи од животинско потекло, како што е кожа.
– Ние сме ѝ благодарни на Калифорнија што зазеде став против суровата индустрија за крзно со спроведување на оваа забрана за производство и продажба на нови крзнени производи во целата држава – изјави Џени Берг, директорка на Калифорниското хумано друштво на САД.
Законот беше одобрен од застапничката на државното собрание Лаура Фридман и потпишан од гувернерот Гевин Њусом во октомври 2019 година, само една година откако градот Лос Анџелес официјално ја забрани продажбата на крзнени производи.
Според економскиот попис од 2017 година, продажбата на облека со крзно во САД изнесуваше повеќе од 574 милиони долари. Калифорнија го сочинуваше најголемиот дел од таа бројка, заработувајќи речиси 129 милиони долари со продажбата на крзно. Таа година, Калифорнија и Њујорк беа одговорни за 43 отсто од продажбата на крзно во САД.