Песни што ме тераат да играм

Во 1971 г., преку издавачката куќа „Мотовн“, чиј сопственик е Бери Горди, излегува најзначајниот и највлијателен албум воопшто во современата музичка индустрија, „What’s goin on“. Автор, продуцент, текстописец, пејач, оној што го обмислил и спровел целиот овој концептуален модел е Марвин Геј, иако на некои песни соработници се и други музичари, меѓу кои и брат му. Имено, Марвин Геј е мегаѕвезда и пее песни за љубовта, сладок зашеќерен соул, најголемата ѕвезда на „Мотовн“, сакан од публиката. Неговите дуети со најдобрата пријателка Тами Терел се неповторливи. Но што се случи за слаткиот Марвин од пејач на обични љубовни песни да прерасне во револуционер? Самоубиството на другарка му Тами, враќањето на брат му од фронтот во Виетнам дома, во земјата во која за него и за таквите како него нема ни работа ни пари.
Тоа се години на големи немири, големи протести во Америка, класна и расна борба, патриотска борба, Виетнам, сегрегациска борба, борба за човекови права, религиозна борба, слобода, еднаквост, еколошки права, борба на обичниот човек, испитување на верување во Господ и Библијата, се бараат вистинските вредности, целото општество се преиспитува. Тоа преиспитување го буди внатрешниот немир, бес, но не обичен бес туку најдеструктивниот бес и, за да се смири, Марвин пишува песни за тоа како го разбира моментот. Неговите стравови, внатрешните демони што го прогонуваат (во еден момент пробува да се самоубие, но во последен момент го спасува татко му на Бери Горди) ги преточува во овој албум. Всушност, направен е реален портрет на едно реално време. Пеколот што се случува во тој период на улиците на градовите, разболени души, неправди, е прикажан на начин на кој Марвин мисли дека треба да се прикаже, неговиот глас е гласот на народот, при што точно ја погодува публиката, неговите размислувања се размислувањата на широките народни маси.

Плочата станува неверојатен хит-албум, речиси сите песни, а секоја песна (ги има девет) е сама по себе хит („Mercy, Mercy me“, „God is love“, „Flying high“…). Неговите текстови се цитирани, дури Нелсон Мандела по излегување од затворот го цитира Марвин кога се обраќа до јавноста. Критиката е одушевена, публиката уште повеќе. Неверојатна мешавина од блуз, соул, ритам и што ли уште не, со текстови што се премногу реални. Младите се поистоветуваат, а возрасните се уплашени затоа што се раѓа нов тип на човек, свесен борбен човек. Насловната корица на албумот го прикажува Марвин како веќе созреана личност, со брада и мантил, кој гледа некаде далеку, без емоции, кој со своите продорни очи вели: Јас сум тука, подготвен и слободен. Овој албум изгради многу нови реални вредности, но исто така и урна многу нереални вредности. Кај нас оваа плоча се слушаше многу, но само како форма, како ритам, на забавите. И додека ние игравме и пеевме на неговите песни, несвесни за суштината на текстовите и на музиката, во Америка овие песни се пееја (и сѐ уште се пеат) на протести, маршови, обесправените ги цитираа текстовите и ја наоѓаа утехата дека, ете, се појавил некој што ги разбира, некој што би требало да ги води. Актуелноста на албумот не застарува, а Марвин да го издадеше и само ова, ќе влезеше во алејата на бесмртните.