Многу уметници или нивни претставници изразија слични приговори за свирење на нивните песни на настаните на Трамп

Долгогодишната издавачка куќа на Шинед О’Конор, „Крајсалис рекордс“, и носителот на авторските права изразија огорченост поради тоа што Трамп го свиреше нејзиниот хит „Nothing Compares 2 U“ на своите митинзи. Така, издавачката куќа на починатата ирска пејачка и активистка Шинед О’Конор побара од Доналд Трамп да престане да ја користи нејзината музика на политички собири, откако и други музичари, како Тејлор Свифт и Ријана, исто така го критикуваа поранешниот американски претседател.
– Музичарката родена во Даблин беше позната по своите отворени ставови за религијата, сексот, феминизмот и војната и би била „згрозена, повредена и навредена“ доколку нејзината работа биде погрешно претставена на овој начин – се наведува во соопштението.
Нејзината долгогодишна издавачка куќа сака да се избори за моралниот кодекс.
– Добро е познато дека Шинед О’Конор во текот на животот живееше со жесток морален кодекс, дефиниран со искреност, добрина, чесност и пристојност кон својот ближен. Како чувари на нејзиното наследство, бараме Доналд Трамп и неговите соработници веднаш да престанат да ја користат нејзината музика – наведоа тие во име на пејачката, која почина минатиот јули на 56-годишна возраст..
Најавата дојде откако Трамп победи на републиканските прелиминарни избори во Мичиген, Мисури и Ајдахо, приближувајќи се до победата во трката за републиканска претседателска номинација во ноември. Многу уметници или нивни претставници изразија слични приговори за свирење на нивните песни на настаните на Трамп, вклучувајќи ги и претставниците на покојниот американски пејач и гитарист Том Пети, британската пејачка Адел и рок-бендот РЕМ.