По долгогодишни преговори, земјите-членки на Обединетите нации неодамна го склучија првиот договор за заштита на светските океани што се наоѓаат надвор од националните граници.
Договорот за отворено море има цел да стави 30 отсто од морињата во заштитени подрачја до 2030 година, за да се заштити и закрепне морската природа. Договорот беше постигнат по 38 часа разговори, во седиштето на ОН во Њујорк. Преговорите се водеа со години поради, несогласувањата за финансирањето и правата за риболов.
Последниот меѓународен договор за заштита на океаните беше потпишан пред 40 години, во 1982 година – Конвенцијата на ОН за поморското право. Тој договор воспостави област наречена отворено море, односно меѓународни води каде што сите земји имаат право да ловат риба, да пловат и да истражуваат, но само 1,2 отсто од овие води се заштитени.
Морскиот живот надвор од овие заштитени подрачја е загрозен од климатските промени, прекумерниот риболов и бродскиот сообраќај, пишува „Би-би-си“.