На 29 април, во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи хуманитарен концерт со исклучително значење – музичка вечер исполнета со класика, солидарност и поддршка. Концертот е во организација на институтот „Фејмс“, со учество на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде што животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени.
– Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста – изјавија од „Фејмс“.
На концертот, публиката ќе има ретка можност да ужива во изведба на дела од Бетовен – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.