Незапирливата технохероина и една од најбараните уметници на глобалната електронска сцена, Индира Паганото, пристигнува за првпат пред македонската публика, и тоа како предводник на програмата на најголемиот летен музички фестивал кај нас „Д фестивал“, кој ова лето ќе се одржува од 30 јуни до 2 јули во Дојран.
– Шпанската ѕвезда на електронската музика – Индира Паганото, е потврда дека сѐ уште е можно на сцената да се донесе нешто свежо, автентично и поинакво. Таа на својот неоспорен талент работи повеќе од деценија, а во плодовите на нејзината работа сега повеќе од кога било уживаат псај-техновоините низ целиот свет. Имено, оние што доаѓаат на нејзините настапи ги нарекува воини, и тоа со причина – нејзините сетови, како спој на техно и псај-транс звукот, со сигурност ја тестираат кондицијата на публиката. Нејзиниот уникатен музички правец во најголема мера е одреден од инспиративната гоа, а како што и самата истакнува, најмногу научила од својот татко, кој бил диџеј во 1980-тите и од неговата колекција на плочи во кои преовладуваат гоа-транс и асид-техно – велат организаторите.
Впечатлива и по својот непосреден однос со публиката, таа е несомнено едно од највозбудливите нови имиња на светската електронска сцена. Во последните две-три години, објави неколку ЕП-изданија, меѓу другите и за „Секонд стејт“. Пресудно беше тоа што нејзиниот талент и автентичност добија силна поддршка од водечките светски техноимиња – најновото ЕП „Лајонс оф гад“ од кое две песни стигнаа до врвот на листата „Битпорт“, како и претходното издание „Хималаја“, а не можеше да ѝ одолее ни славната Нина Кравиц, која во своите сетови ги вклучи, до тогаш сѐ уште необјавените ленти на Паганото. Минатата година таа застана на најголемите светски фестивалски бини, како што се „Тумороуленд“, „Авејкенингс“, „Егзит“, со своето име потпиша и специјални сетови за „Микс маг“ и „Диџеј Маг“, а имаше и настапи во култните клубови како „Принтворкс“ во Лондон и „Амесиа“ на Ибица.
– И додека молскавично го освојува светот, на ред е и нејзиното премиерно гостување кај нас. Единствениот спој на техно и псај-транс за првпат ќе пристигне пред македонската публика на „Д фестивал“, на чија главна бина ќе заблеска незапирливата енергија на Индира Паганото позната по сетови со силно и брзо темпо во луд еклектичен грув – најавуваат од фестивалот.
Ова лето во Дојран, „Д фестивал“ ќе се одржува од 30 јуни до 2 јули, а наскоро ќе бидат објавени уште многу новости и учесници од тридневната програма.