Каква е раздвиженоста во локалните библиотеки, се изнајмуваат ли книги, со колкав број на членови располагаат, кои жанрови се претпочитаат… Ова се некои од прашањата до локалните библиотеки, кои ги споделуваат своите искуства и ритамот на работа. За жал, низ годините библиотеките во Гевгелија, Велес, Кочани, како и другите градови низ Македонија, се соочуваат со долгорочни проблеми поврзани со недоволната екипираност и недостигот од простории за складирање, но и изложување на обработениот книжен фонд. Интересот за читањето и изнајмувањето книги кај жителите на општината Гевгелија, на пример, како што велат оттаму, е континуирано присутен, а членовите љубопитно ги следат информациите поврзани со снабдувањето на библиотеката со нови наслови. Со оглед дека бројот на членови на ЈОУ библиотека „Гоце Делчев“ во последниве години се движи помеѓу 700 и 750, станува збор за континуирано изнајмување на четири-пет илјади книги годишно.
– Негуваме надеж дека интересот на граѓаните ќе порасне и покрај налетот на нови технологии и забрзаниот проток на информации, кои недвосмислено го продлабочуваат резот во секојдневието помеѓу потребите, желбите за информираност и естетско искуство, од една, и традиционалното восприемање на книжевноста, од друга страна – вели Стефан Марковски, директор на градската библиотека во Гевгелија.
Во последниот период се бележи зголемување на изнајмувањето книги поради континуираната набавка на нови наслови. Во тек е спроведување ревизија на книжниот фонд, со чија помош ќе биде утврден бројот на наслови и единици од кој е сочинет.

– Досегашните процени беа дека станува збор за околу 60 илјади единици, кои, пак, се сегментирани во пет оддели: оддел за училишна литература, оддел за литература за возрасни, роднокраен оддел, оддел за стручна литература и оддел за периодични публикации. Сепак, бројот на публикации во секој од овие оддели преостанува да се утврди до крајот на годинава во рамките на овој процес, кој е меѓу најкомплексните во библиотечното работење. Постојниот фонд ќе се трудиме да го зголемуваме на различни начини, што во прв план подразбира набавка на книги што ќе ги задоволуваат читателските потреби на жителите на општината што членуваат во нашата библиотека – изјавува директорот на „Гоце Делчев“.
Павлина Најдова од локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес вели дека годишно издаваат околу 20.000 книги и дека постојано го обновуваат книжниот фонд.
– Најбарани се романите, трилери и драми. Библиотеката има два оддела, за деца и возрасни. Располага со разновидна литература, како лектири за основно и средно образование, слободна детска литература, сликовници, енциклопедии, лексикон, речници, белетристика, класици, биографии и автобиографии на познати личности, стручна литература од сите области, англиска литература, француска литература, албанска литература, книги за слепи со Брајова азбука и друго. Годишно фондот се зголемува за околу илјада книги – споделува Павлина.

Кога станува збор за проблеми, таа посочува дека понекогаш читателите се неодговорни, не ги враќаат земените книги или ги оштетуваат. Исто така, со растот на фондот се соочуваат со недостиг од простор.
– Сметам дека библиотеките треба да се третираат подобро, тие се оставени на маргините на државните институции. Библиотеките играат многу значајна улога во културното издигнување на народот и развојот на личноста, зачувување на културното богатство и негово пренесување на идните генерации – вели Павлина Најдова.
Во ЈОУ библиотека „Искра“ во Кочани годишно се издаваат по околу 39.000 примероци.
– Најмногу се изнајмува белетристика. Инаку, фондот со кој располагаме е околу 80.000 книги и секоја година фондот го зголемуваме со 2.500-3.500 примероци. Најголем недостиг е што немаме доволен простор за складирање на книгите и нивно изложување – истакнуваат од „Искра“.