„Поглед преку…“ е насловена изложбата на слики од Вангел Срнаков во Културно-информативниот центар – Скопје, Салон империјал 1, која ќе биде отворена до 29 март. Досегашното творештво на Срнаков изобилува со визуелност во повеќе техники на изразување, масло на платно, темпера на платно, масло на панел, емајл на „реди мејд“ панел, како и повеќе сликарски дисциплини, портрет, мртва природа, пејзаж, од фигурација до апстракција.
– Иноватор, имајќи слух за нови тенденции, без да се затвора во нивното битие и да им робува, ја зема онаа супстанција од нив и преку палетата на бои и контрасти органски ја вклопува во неговиот сликарски начин на размислување. Реалист, толкувач на животот, со препознатлив пристап и истражувања базирани кон нови форми, нов обликовен дух. Со употребата на разни материјали во делата што носат печат на секојдневни настани со длабоки сочувства и идеи, неговата уметност зрачи со мир, хармонија и убавина – пишува кустос историчарот на уметноста Александар Каракабаков.
Според него, во последно време, е многу актуализирана темата каде што огромни количества на овие материјали како отпад завршуваат насекаде во животниот простор што нѐ опкружува.
– Авторот од свој ракопис преку делата сака да даде поинакво естетско видување на нештата односно субјектот на перципирање преку разните проѕирни материјали, како што се пластиката, фолијата, стаклото, водата… Ликот односно портретот на моделот виден преку пластична фолија, актот виден преку стаклена површина, пејзажот виден преку стакло/прозорец со капки вода, поглед во базен преку рефлексијата на водата… Преку делата, авторот нуди едно поинакво видување на реалноста, филтерот помеѓу авторот/гледачот и субјектот на сликата создава рефлексија што дава поинаква реалност на сликата, остава порака за разумно користење на посочените материјали заради заштита на околината – пишува Каракабаков.
Срнаков, правник по професија, сликар по вокација, кој во отсуство на формалното ликовно образование, потпирајќи се исклучиво на сопствените внатрешни импулси и креативни потенцијали, се формира изолирано и самостојно, но притоа, уште во 1994 год., охрабрен и под менторство на академскиот сликар Никола Бутров, ги добива основните сликарски и технолошки поуки. Надграден со ликовните техники и изрази, ликовното творештво на Срнаков доаѓа до израз уште во 2006 година, каде што редовно е застапен на самостојни и групни изложби во земјава и во странство и до денешен ден неуморно твори и го збогатува личниот творечки опус.