Денеска ќе се одржи добротворен концерт за Небојша Додевски–Грицко во бифето на МКЦ, со почеток од 16 часот. На концертот ќе настапат: Јана Гигова, Димиш, „Тотално опуштање“, Сватовски и многу други домашни изведувачи. Настанот е во организација на „Брат за брат“. Утре следува целовечерен хипхоп-спектакл за промоција на последниот албум на македонскиот хипхоп-артист Џака Накот, „Live on, no evil“, на кој покрај него ќе настапат и диџеј Гоце, Легијата, Дивизија, Бвана, диџеј Славе, Страјк, Куп де Грас, Ади Имери и плејада други локални артисти и изведувачи за неверојатна вечер за паметење.
Истиот ден, во рамките на двете галерии во МКЦ ќе бидат отворени изложбите: „Новите индустрии на стари локации“, која претставува резултат од научноистражувачки проект на Архитектонскиот факултет во Скопје, и „Еволуција?“ од Балканскиот универзитет во Скопје.
Сабота е резервирана за концерт на легендарниот загрепски хипхоп-бенд „Елементал“, кој со својот настап во МКЦ ќе го прослават својот 25-годишен јубилеј од своето основање. Истата вечер, во бифето на МКЦ ќе се одржи и слушачка промоција на најновото издание на македонскиот бенд „Искра“ во издание на „Дихард рекордс“.