Фото: Пиксабеј

Врвните готвачи задолжени да ги хранат спортистите на Олимпијадата во 2024 година нагласуваат дека кон храната ќе имаат повегетаријански пристап. Готвачот со ѕвезда на „Мишелин“, Акрама Беналал, е познат по приготвување различни стекови, хамбургери и друго месо во своите ресторани, но неговото потписно јадење за Игрите ќе бидат муслите со киноа.
– Кога има 40.000 оброци дневно, не сакам никој да се разочара. Зеленчукот е она што спојува сè – додаде тој.
Тој е еден од тројцата наградувани готвачи што следното лето ќе ја надгледуваат француската храна за 15.000 спортисти во олимпиското село. Другиот е Александре Мациа, поранешен професионален кошаркар, кој нуди рецепти со наут, грашок и чадено цвекло и чадена риба со блитва.
Тие соработуваат со големата група за храна „Содехо лајф“, која управува со ресторани и чија клучна цел е да го намали јаглеродниот отпечаток на менито и да користи помалку животински протеини. Тој тврди дека една третина од протеинот во 500-те јадења ќе потекнува од зеленчук, а едно од најпознатите јадења ќе биде зелената леќа од парискиот регион со скир (вид јогурт), коријандер и пченкарно масло.
Французите јадат просечно 113 килограми месо годишно – повеќе од повеќето европски земји и речиси двојно повеќе од светскиот просек. Но бидејќи земјата вети дека ќе ја намали потрошувачката на месо од еколошки причини, Олимпијадата може да означи пресвртница, рече историчарот за храна Лоик Биенасис.
Се разбира, во олимпиското село сепак ќе има многу месо. Последната од трите врвни француски готвачки е Амандин Шањо, која за свое потписно јадење избра бисерки (кокошки со потекло од Африка) со ракови.
Зеленчукот сам по себе не може да ги задоволи сите потреби на сите врвни светски спортисти, рече Хелен Дефранс, морнарка и нутриционистка, која е членка на одборот за спортисти за 2024 година.
– Вегетаријанството е голем тренд, но тоа не е нешто што можеме да им го наметнеме на сите. Мешунките може да бидат тешки за варење и не сите ефикасно ги варат растителните протеини – изјави таа.