Владимир Илиевски, прозаист

Владимир Илиевски е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Неговиот последен роман „Суво мастило“ во издание на издавачката куќа „Македоника литера“ своевремено влезе во најтесниот избор од пет романи за наградата „Роман на годината“. Неодамна неговoто творештво се актуализира со нaградата „Битолски книжевни паметења“.
– Би бил неискрен кога би кажал дека наградите и признанијата ништо не ми значат. Ако ништо не ми значат, не би требало да конкурирам за нив или, пак, ако ги добијам да ги одбијам. Тоа што „Суво мастило“ во 2020 година влезе во финалниот круг од пет романи за наградата „Роман на годината“ и годинашната награда „Книжевен круг“, за мене како автор е сигурна потврда дека нешто е добро сработено, односно напишано. Мислам дека, во основа, признанијата се сигурен показател дека барем некој се потрудил да ве прочита, анализира и вреднува, од едноставна причина – член е на жирито што ја доделува наградата. Убаво е чувството кога ќе дознаваш дека делото што долго си го осмислувал, планирал, создавал и реализирал како прозен текст му се допаднало некому – ни изјави Владимир.

Со ваши зборови, каква приказна раскажавте меѓу кориците на „Суво мастило“?
Јас се обидов да раскажам сосема обична приказна. Иако многумина читатели на романот му го придадоа епитетот „историски“, сепак, јас мислам дека „Суво мастило“ не е историски роман. „Суво мастило“ е роман за љубовта, за поврзаноста, за пријателството, за чувството за припадност, за лојалноста. Историјата во него е само декор, орнамент, заднина, сценска конструкција. Исто така мислам дека синтагмата „историски роман“ е мошне несоодветна за опис на едно прозно дело, затоа што секој писател, без разлика во кој различен период го лоцира дејството во својот роман, секогаш е насочен кон сегашноста, кон реалниот момент и контекст во кој создава. Во „Суво мастило“ се претставени голем број настани, помалку или повеќе познати, лоцирани во Битола, Дрезден, Будимпешта, Загреб и во Софија, од осумдесеттите години на 19, па сѐ до раните триесетти на 20 век, и претпоставувам дека текстот би ја изгубил својата потребна привлечна свежина за читателот доколку на одреден начин не кореспондира со сегашниот миг и амбиент. Се надевам и посакувам, како автор, во мојот роман да имам вметнато одредена вонвременска димензија со чија помош „Суво мастило“ би ја пречекорил ограниченоста на сегашноста и би зачекорил во бескрајноста на иднината и би им го привлекол интересот на идните потенцијални читатели.
Приказната ја поврзавте со Македонија… Зошто и каков приказ на тогашна Македонија од дваесеттиот век сакавте да дадете?
На почеток напишав еден подолг расказ за Едуард Пенкала, надарениот пронаоѓач што ги конструира термофорот, механичкиот молив, го создава сувото мастило, па дури го конструира и го прави и првиот воздухоплов во Хрватска, со кој сам полетува. Пишувајќи го расказот собрав мошне обемен историски материјал, кој, на некој начин, ми потврди дека темата има потреба од надградба. Така расказот почна да се претопува во еден поголем текст, па нарацијата се рашири, се отворија нови примамливи наративни текови. Иако на почетокот бев задоволен од напишаното, сепак имав чувство дека нешто недостига. Сфатив дека ми е потребен лик, односно ликови од Македонија. Бесмислено ми беше да пишувам за човек, кој навистина е премногу значаен за европското и светското иноваторство, а нема допирна точка со нас, со Македонците и со Македонија. Тоа е причината за настанувањето на ликот на Андон Цветков и на една поширока галерија ликови што гравитираат околу него. Едноставно сакав темата за која пишувам да ми биде блиска и за тоа ми беше потребен Андон, измислен, но сепак реален лик.
Ако Андон е измислен лик, но реален лик од Македонија, потребно беше приказот на Македонија, на преминот од 19 во 20 век да го направам што е можно пореален. Сликата за Македонија од тој период не ја прават само намачените селани што работат на туѓи беговски полиња, опасните правливи патишта по кои демнат разбојнички групи, бедата, калта и несигурноста. Во комплетната слика за тогашна Македонија се вклопува и македонската интелигенција, која во ништо не заостанува зад европската. Тие луѓе, без разлика на сопственото формално образование, чувствуваат во себе силен порив дека има многу нешта што можат да ѝ ги кажат и да ѝ ги дадат на Македонија, но и на Европа.
Во „Суво мастило“ се поврзуваат или испреплетуваат животните патишта на хрватскиот инженер и пронаоѓач Едуард Пенкала и македонскиот чорбаџиски син Андон Цветков… Што ги поврзува овие два главни лика и што ги разидува?
Едуард Пенкала и Андон Цветков ги поврзува сето она што, во основа, може да ги раздели. Физички се различни, нивните интереси се различни, а од друга страна целосно се дополнуваат. Кога се заедно, постојано имаат теми за разговор и покрај различните интереси затоа што во тие разговори не поаѓаат од себе и за себе. Во тие разговори тие првенствено се за другиот. Го слушаат и го ислушуваат оставајќи му го на другиот чувството дека има кому да му го каже својот проблем, својата приказна. Понекогаш кога се заедно знаат и долго да молчат, затоа што, убеден сум во тоа, само добрите пријатели ги знаат синтаксата и лексиката на молкот. Нечие немо присуство понекогаш е попотребно од зборот или советот. Едуард и Андон ги спојува и љубовта кон иста жена, па во таа машка „битка“ едниот е победник, а другиот поразен. И токму тука е нивната големина. „Битката“ ја претвораат во искрено пријателство и цврста лојалност.
Велите Андон во себе носи „товар“ што не му дозволува да мигрира, за кој смета дека е „единствената врска со коренот, со земјата, со семејството“. Ако се ослободиш од него, ќе се распаднеш, ќе се уништиш, ќе исчезнеш… Каков товар носи Андон?
Интересно прашање. Ме поттикна да размислам – зошто постојано пишуваме за корените што нѐ држат врзани за одредено парче земја? Исто така, нѐ држат и живи, нели? Така велат многумина што се далеку од родната земја. Но, ќе се согласите со мене, има многумина што заминале и никогаш повеќе не погледнале наназад. Не се ретки таквите случаи. Едноставно исчезнале таму некаде далеку. Тие без корен се? Неживи се? Мислам дека ликот на Андон нема задача да поставува прашања, а уште помалку да алудира на конкретни одговори. Тој е креиран лик во конкретна ситуација. Доколку е поинаков текот на романот и тој би бил поинаков. Неговата отвореност треба да ја искористи потенцијалниот читател – за сопствени прашања и одговори.
Од каде ги црпевте историските факти, вклучувајќи ги и оние за Едуард Пенкала, за кој и нема многу достапни информации?
Главниот извор за информации се интернетот и библиотеката. Најдов и искористив голем број текстови што се осврнуваа на тој период. Главен предизвик при пишување на вакво книжевно дело е успешното доловување на историскиот амбиент. Од старите мапи и карти на градовите го пресметував растојанието што треба да го измине ликот за одреден временски период, а тоа да биде логично. Читав монографии за почетоците на југословенскиот и хрватскиот фудбал, проверував кои риби ги има во Сава кај Загреб и кои се најпознатите плажи на Сава на почетокот од 20 век. Читав за ноќниот живот во Аграм, за познатите гостилници и уште попознатите јавни куќи. Наоѓав стари фотографии од Александровската болница во Софија и ги открив сите познати меани во градот. Ги прочитав сите текстови што можев да ги најдам на Борис Пулховски, човекот што пишувал за почетоците на хрватската авијација, и за Едуард Пенкала.
Според еден од рецензентите, сижето на романот кружи околу еден цитат на Ајнштајн… „светот што сме го создале е процес на нашето мислење. Тој никогаш нема да се промени без промената на нашето мислење.“ Колку е важна промената на мислењето? И какво влијание изврши Едуард врз светогледот на Андон?
Искрено мислам дека денес сите се стремат кон промени, а ретко кој се запрашува дали промената е потребна и неопходна. Едноставно, промената стана цел за себе. А би се согласил со ставот дека, во основа, „ако се менува мислењето и светот ќе се смени“. Но треба да се запрашаме дали таа мисла е добра или лоша и дали светот што ќе следува по „неопходната“ промена ќе биде добар или лош. И ушто нешто прашувам: чија мисла го менува светот, на народот или на…?
А за светогледите на Едуард и Андон и за нивното меѓусебно влијание би се потпрел на онаа позната раширена мисла дека единствено пријателите ги избираме. Без разлика на различниот светоглед, со пријателот секогаш ти е пријатно, се чувствуваш безбедно и не внимаваш што зборуваш.