В четврток (24.10), во 19 часот, во галеријата „Рудиќ“ ќе се отвори изложба на фотографии на познатиот српски фотограф Бранислав Бркиќ, под името „Сибирска Тофаларија“. Во пространствата на големиот Сибир има многу помали области, кои се тешко достапни дури и за локалното население. Тофаларијa е една од тие и се наоѓа во делот на планините Сајан западно од градот Иркутск во близината на границата со Монголија.
Во современиот свет, кој е преплавен со слики и брзи информации, изложбата „Сибирска Тофаларија“ претставува оаза на смиреност и уникатно патување низ простори, кои се далеку од метежот и вревата на модерниот живот. Фотографирајќи сцени што не се само визуелно привлечни туку и длабоко емотивни и промислени, Бранислав Бркиќ, инспириран од естетиката и стилот на фотографите на „Нешнал џиографик“, успева да ја долови суштината на тие оддалечени области, не наметнувајќи му ги своите фотографии на гледачот, туку преку нив внимателно го воведува во универзум проткаен со чисти емоции, спокојство и хармонија. Овие фотографии се медиумот преку кој авторот ги пренесува мирот, спокојството и раскошот на тие заборавени светови. Тие се прозорци низ кои можеме да ја видиме душата на луѓето што живеат едноставен, но исполнет живот. Секоја фотографија е како рамка од филм што остава длабок впечаток, создава чувство дека штотуку сме излегле од киното исполнети со спокојство и задоволство. Емоциите, мирисите и звуците на тие идилични простори лебдат во воздухот, правејќи нè да сакаме да бидеме дел од тој свет, да се движиме меѓу тие луѓе, да го доживееме тој бавен живот без брзање.
Изложбата „Сибирска Тофаларија“ не е само збирка фотографии, тоа е филозофска медитација за животот, мирот и убавината скриени во едноставноста. Бркиќ нѐ поканува да ѕирнеме во свет што е искрен, суштински убав и длабоко емотивен.