Повеќе од 1.400 фински професионални музичари потпишаа петиција со која се бара забрана на Израел од овогодинешниот избор за песна на „Евровизија“ поради, како што велат, „воените злосторства“ врз Палестинците во Појасот Газа.
Доколку Израел не биде исклучен од натпреварот, тие бараат од јавниот сервис да ја повлече апликацијата на Финска за најголемиот европски музички натпревар, чиј домаќин годинава ќе биде шведскиот град Малме.
Јавниот сервис објави дека го следи ставот на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на изборот за песна на „Евровизија“. Минатиот месец, исландските музичари поставија слични барања до радиодифузерот Рув.
Лукас Корпелаинен, еден од иницијаторите на петицијата, изјави дека не е прифатливо Израел да „учествува на Евровизија за да го подобри својот имиџ“.
Меѓу потписниците има музичари кои ја претставуваа Финска на претходните натпревари за песна на „Евровизија“.
Тие обвинуваат за двојни стандарди, велејќи дека радиодифузерот бил меѓу првите кои побарале Русија да биде забранета од натпреварот во 2022 година.
Откако Русија ја започна специјалната воена операција во Украина во 2022 година, претставникот на финскиот јавен радиодифузер Виле Вилен рече дека нападот на Москва е „против сите вредности за кои се залага Иле и другите европски радиодифузери“.
Организаторот на „Евровизија“ набргу потоа воведе забрана за Русија да се натпреварува.
Вилен сега вели дека ситуацијата во Израел и Појасот Газа „не е сосема иста“ како руската агресија против Украина.
– Колку и да е страшно, тоа не е таков вид на војна што Русија ја започна против Украина – изјави тој за финскиот таблоид Илта-Саномат минатиот месец.