„Македоника литера“ го објави романот „Добар ден, тато“ на познатиот хрватски писател Стјепан Томаш. Овој роман на Томаш и романот „Мојот татко спие со ангелите (Мал воен дневник)“ повеќе од две децении се задолжителна лектира во основното образование во Хрватска и се култни романи во современата хрватска литература за деца. За „Добар ден, тато“ Томаш ја доби наградата „Григор Витез“.
„Добар ден, тато“ е емотивен роман за едно тринаесетгодишно момче, кое, откако дознава дека е посвоено, добива голема желба да ги запознае биолошките родители. На патот до таа вистина, соочувајќи се со светот на возрасните каде што владеат некои нови, посурови и понечувствителни односи и борејќи се со училишните проблеми, со првите тинејџерски љубови, со односите со другарите – момчето брзо созрева.
Преводот од хрватски јазик е на Марија Паунова.
Стјепан Томаш (1947) е современ хрватски писател за деца и за возрасни, член соработник на Хрватската академија на науките и уметностите, добитник на повеќе награди. Дела на Томаш се преведени на повеќе јазици – италијански, словенечки, словачки, унгарски, германски, чешки и македонски. Ова е прва негова книга за деца објавена на македонски јазик. На македонски јазик е преведен и романот „Златоустиот“, кој е посветен на Јосип Јурај Штросмаер и Константин Миладинов. Според истиот роман ја напишал драмата „Златоустиот или тажниот дом хрватски“. Живее и пишува во Осиек. Целиот работен век го поминал во просветната и културната дејност.