Истражувачите тврдат дека Амазонската Прашума се движи кон „критична точка“ каде што дрвјата би можеле масовно да исчезнат, пишува „Би-би-си“.
Истражувањата покажаа дека најголемата прашума во светот ја губи способноста да закрепне од штетите предизвикани од суши, пожари и уништување на шумите. Големите области би можеле да станат ретко пошумена савана, која е многу помалку ефикасна од тропските шуми во „вшмукувањето“ јаглерод диоксид од воздухот.
Огромните слоеви го задржуваат јаглеродот, кој инаку би придонел за глобалното затоплување, но претходните истражувања покажаа дека делови од прашумите на Амазон сега испуштаат повеќе јаглерод диоксид отколку што можат да апсорбираат.
– Дрвјата го губат здравјето и би можеле да се приближат до пресвртница, односно може да дојде со масовно губење на дрвјата – вели д-р Крис Бултон од Универзитетот во Ексетер.
Има знаци на губење на отпорноста во повеќе од 75 проценти од шумите, на дрвјата им треба повеќе време да закрепнат од ефектите од сушите, кои главно се резултат на климатските промени и влијанието на човекот, како што се пожарите и уништувањето на шумите. Магичниот круг на штета може да предизвика истребување, тврдат истражувачите.
Иако не е јасно кога може да се достигне оваа точка, импликациите за климатските промени, биодиверзитетот и локалната заедница би биле „погубни“. Откако ќе започне процесот, истражувачите веруваат дека значителен дел од дождовната шума во Амазон ќе се трансформира во савана за само неколку децении, многу различен екосистем составен од мешавина од тревници и дрвја.
– Амазонската Прашума складира многу јаглерод и сето тоа ќе се ослободи во атмосферата, а тоа дополнително ќе придонесе за пораст на температурата и ќе има ефекти врз глобалните температури – вели Бултон.
Околу една петтина од прашумата веќе е изгубена во споредба со прединдустриското ниво.
– Уништувањето на шумите и климатските промени, веројатно, ќе бидат главните двигатели на овој пад – вели професорот Никлас Боерс од Техничкиот универзитет во Минхен.
Според д-р Бони Воринг од институтот „Грантам“, овие податоци се согласуваат со акумулираните докази дека двојниот притисок на климатските промени и експлоатацијата на тропските шуми ја загрозуваат најголемата прашума во светот.
Истражувањето се базира на сателитски податоци од периодот меѓу 1991 и 2016 година.