Фото: Стефан Рајхл

Во годината кога одбележуваат јубилејни 20 години на македонската музичка сцена, „ДНК“ имаа серија концерти во поголемите градови во земјава, а финалето, големата роденденска прослава се случи синоќа во преполната сала на СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. А кога на роденден ќе ти дојдат 8.000 луѓе, кои напамет ги знаат сите твои песни и не престанаа да ги пеат за време на двочасовниот концерт, тогаш тоа е полн погодок – јаготката на роденденската торта.

– Ние заради вас постоиме, ова за нас е нешто што ќе го паметиме целиот живот, најубавиот роденденски подарок, концерт на кој го славиме животот и македонската музика бидејќи не знаеме што ни носи наредниот ден – порача Панчо, кој како добар домаќи не водеше низ целиот концерт со своите коменатри.

Фото: Стефан Рајхл

Во една од своите последни објави на социјалните мрежи, Панчо и Андреј правејќи рестроспектива на постигнатото изјавија дека почетокот не им бил лесен, не им помогнале многумина, па се пробивале сами, но верувале во својот сон, кој ете стана јаве.

И се разбира, како и на секој роденден и овојпат имаше многу гости, пејачи и музичари со кои Андреј и Панчо соработувале во текот на својата богата музичка кариера и со кои испеале некои од своите бројни хитови.

Фото: Стефан Рајхл

За загревањето на атмосферата, пак, се погрижија диџеите Ајри Скреч и Нести, а заедно со „ДНК“ пееја и Тамара Тодевска, Ена Цветковска, Таско, Наум Петрески, Јанг Дади, Џамбо Агушев и неговиот оркестар, Буцо Битбокс, …Секако тука беше и третиот член на „ДНК“, Лазар Цветковски, кој е композитор, продуцент и голема поддршка на групата сите изминати години.

Уште пред да почне долго најавуваниот и до најмала ситница детално подготвуван родендески концерт на „ДНК“, со едоноставен наслов „20“, колку што има и свеќички на нивната торта, салата изгледаше импресивно, полна како око, што искрено се надеваме почесто ќе им се случува на домашните изведувачи. За групата „ДНК“ тоа не беше тешко, бидејќи за дводецениското постоење тие континуирано снимаа хит до хит, најчесто со видеозаписи и беа широко прифатени претежно од помладата публика, која преовладуваше и овојпат, иако имаше и малку постари нивни почитувачи, кои исто така одлично се забавуваа и уживаа во налекетризираната атмосфера.

Фото: Стефан Рајхл

Концертот почна со нивната најнова песна „Романи“, што се наоѓа на новиот албум „20“, кој се продаваше во салата, а дел од приходот е наменет за хумани цели, како и средства од продадените влезници кои ќе бидат донирани во фондацијата „Марко Божиновски“. Бидејќи вчера се одбележуваше и 3-ти декември, Ден на лицата со попреченост, имаше и гости од оваа ранлива категорија во публиката. Инаку Панчо и Андреј се познати по своите хумани акции, па токму таква порака испратија и од сцената.

По првите песни, следеше ретсроспектива на нивните најпознати песни, па ги слушнавме и „Милион денови“, „Благодарам однапред“, „Само таа знае“, „Срце“, „Север и југ“, „Едно тело“, „Што сака нека биде“, „Она е од Шутка“, „Полна месечина“, „Пази се од мене“, „Авион“… Слушнавме и песна од Тоше, а нивниот голем хит „Ако утре ме нема“, кој го изведоа со „Џамбо Агушев оркестар“, им беше посветен на музичарите и пејачите кои веќе не се со нас.

Фото: Стефан Рајхл

И како што одминуваше времето атмосферата беше сѐ поопуштена и повесела, а Панчо и Андреј дадоа сѐ од себе овој музички земјотрес да се памети и уште долго да се прераскажува. Тие не само што одлично ги интерпретираа своите песни, цело време комуницираа и со расположената публика, со која речиси сите рефрени уште еднаш ги отпејаа а-капела.

– Леле колку луѓе има, е вака се поддржува македонската музичка сцена – рече Тамара Тодевска. Имаше многу бакнежи и прегратки и на сцената и во публиката, која заедно со Таско на „ДНК“ им ја испеаја „Happy birthday“.

Фото: Стефан Рајхл

Бендот и придружните вокали звучеа одлично, а визуелните ефекти беа надополнување на она што се случуваше на сцената.

И како што се доближуваше финалето, како сите во салата да станаа едно тело, една душа.

По официјалниот крај имаше и бис, а од „ДНК“ се збогувавме со уште една изведба на хитот „Авион“. Вчеравечер не само што се потсетивме на нивните бројни хитови, кои со публиката ги пеаја во еден глас, туку и на вистинските човечки вредности, љубовта и почитта.

Фото: Стефан Рајхл