Песни што ме тераат да играм
Да поживееше подолго, ќе беше најмалку на исто ниво со Леонард Коен, Боб Дилан, Џони Мичел, Керол Кинг. Вака станува едно од најголемите имиња, но и една од најголемите енигми на светската сцена. Во неговата генерација тој е највпечатливиот музичар, текстописец, сценски изведувач, признаен од публиката, критиката и колегите. Животниот век го завршува давејќи се во реката Мисисипи, Мемфис, местото каде што е роден 31 година претходно во 1966 г. Цел живот го прогонува славата на татко му (Тим Бакли, еден од најголемите американски фолк, џез-кантавтори, кој починал од предозираност во 1975 г., кога Џеф имал само девет години). Никогаш не живееле заедно, го немале односот на татко и син и веројатно се виделе само еднаш во животот. Растен со очув, Џеф ѝ се посветува на музиката и, за среќа, успева да го преточи внатрешниот немир во безвременски песни. Првиот албум „The Trash Can Tape“ од 1993 г. е извонредно издание, со само шест песни. На него се наоѓаат и преработките: „Madame George“ од Ван Морисон и „Hallelujah“ на Леонард Коен. Интересно за „Hallelujah“ е дека Џеф направил преработка, но не на оригиналот на Леонард Коен, туку ја преработил верзијата на Џон Кејл, кој пак му бил продуцент на Коен на албумот „Various Position“ од 1984 г. Изданието ја добива својата афирмација на светско ниво, а песната станува една од најобработуваните и најслушаните. Првиот и последен неверојатен албум „Grace“ од 1994 г. е составен од 10 небески песни. Овој албум го востоличува како најголемиот уметник на тој период, а влијателниот музички магазин „Ролинг стоунс“ го вреднува како еден од најголемите 500 албуми на сите времиња. А внатре колекција од приказни, визуелни слики, пејзажи, глас и гитари што врескаат, плачат, се смеат, создавајќи торнадо. Епохално дело. Посебна приказна се текстовите, преполни со болка, љубов, недостигнати нешта. Во 1998 г. постхумно излегува албумот „Sketches For My Sweetheart The Drunk“, со 21 музичка композиција. Голем дел се демо-снимки, недоработени, но и како такви се неверојатни. Во 2000 г. е издаден живиот албум „Mystery White Boy“, а во 2006 г. е издаден „You And I“, составен од преработки на песни во негова изведба. Во периодот 1994 – 1997 г., Џеф се забавува со Елизабет Фрајсер, при што ја издаваат прекрасната љубовна песна „All Flowers In Time Bend Towards The Sun“. И повторно штета, неверојатна штета што почина на самиот почеток на кариерата, којзнае што ќе направеше. Да го немаше Џеф Бакли, ќе ги немаше или барем не во ваков формат ни „Колдплеј“, „Муз“, „Рејдиохед“, Лана Дел Реј… Ќе го немаше ни Сони, момчето од Скопје со неговата гитара што просто неверојатно го копираше Џеф. Да не го видев во живо како пее и свири (иако физички не личеа воопшто), ќе помислев дека е оригиналниот Џеф. Сони отиде во белиот свет да прави кариера и остана. Многу години подоцна (мислам дека беше тој) го видов на улица како уличен свирач во Антвертпен. Беше седнат на главната улица со гитарата, засилувачот и чергата, со пуштена брада и веќе побелена коса. Го свиреше Дилан и неговата „Like Rolling Stone“. Немаше никој околу него. Му пријдов и му реков: „Сони, брате, ти ли си?“ Ме погледна, или не ме препозна или не беше тој. Ми одговори на англиски: „Извинете, не ве разбирам“, тргајќи ја главата настрана, а во очите му надојдоа солзи. Си продолжив и, како што се тргнав, почна да ја свири „Lover you should’ve come over“, мојата омилена песна од Џеф Бакли, во онаа неверојатна изведба како што само Сони можеше да ја изведе. Не се свртев, продолжив. Го оставив Сони, кој веројатно го оставил своето минато таму некаде далеку.