По првиот дел од летната турнеја на македонската пејачка Дина Јашари низ Балканот и по успешните настапи во Крагуевац, Осиек и на фестивалот во Вараждин, таа продолжува со настапи на четири фестивали во Хрватска. Триото составено од Драган Теодосиев (тапани), Лука Тошев (гитара) и од Дина како вокалистка и кантавторка ќе ја реализира својата летна турнеја на четири островски фестивали, и тоа „Там там фестивал“ на Хвар, „Зларин стрит фестивал“ на островот Зларин, на „Марс Мљет“ во Бабино Поље на Мљет и на фестивалот „Ластово – остров на музиката“ на островот Ластово.
На фестивалот во Мљет, Јашари настапува втора година, со тоа што оваа година заедно со Лука Тошев ќе учествува во склоп на работилниците на фестивалот. Ќе настапуваат заедно и на концертите на Димитрије Димитријевиќ од Србија, соло-концертот на Владимир Мичковиќ и заедно со „Марс оркестар“ во кој членува и познатата артистка Сара Ренар.
Последниот настап на Дина Јашари во Скопје беше за време на фестивалот „Прво, па женско“ во Музејот на современата уметност на 1 јуни каде што за првпат го претстави новото трио.
Изминативе години Дина постигна големи успеси со многубројни настапи во Македонија и надвор, на фестивали како „Егзит“ (Нови Сад), „Мент“ (Љубљана), „Вианки“ (Краков) и како предгрупа на бендот „Елементал“ во СЦ Шалата во Загреб по повод нивниот јубилеен концерт за 25 години постоење на бендот. Во 2022 година Дина Јашари ја освојува и наградата „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“ и ја остварува својата прва соработка со Дуке Бојаџиев на песната „Убав ден“.
Дина Јашари е и дел од составот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, кој настапи годинава на отворањето на филмскиот фестивал „Синедејс“ во МКЦ, по успешните концерти во Крушево и во Копенхаген.