Данска го отвори својот нуклеарен бункер што се наоѓа во шумата Ролд, но, за среќа, само за посета од меѓународните туристи. Ова подземно засолниште датира од периодот на Студената војна и е изградено приближно помеѓу 1963 и 1968 година, по инсистирање на НАТО, пренесува порталот „Шенген виза инфо“.
Бункерот наречен „Реган вест“ е изграден за да биде сместена данската влада во случај на оружен нуклеарен конфликт.
Како што објасни директорот на овој музеј Ларс Кристијан Норбах, бункерот што се наоѓа на речиси 400 километри од Копенхаген и 60 метри под земја под рид требало да биде „последниот бастион“ на демократијата во Данска. Во тоа време, во случај на нуклеарна катастрофа, опстанокот на данската влада беше суштински за суверенитетот на земјата, поради што беше изграден таков бункер во кој, како што беше објаснето, ќе се скрие данската влада.
Меѓутоа засолништето никогаш не било користено, па во 2003 година било затворено, а во 2012 година од локацијата каде што се наоѓа била отстранета ознаката за тајност. Посетителите, како што се наведува, ќе имаат можност да прошетаат низ долгите и засводени ходници за да ги видат главната спална соба наменета за монархот, кафулето, владината конференциска сала и декорот во стилот на 1960-тите години.
Посетата вклучува пешачење од два километра, но сепак туристите нема да имаат можност да видат ниту половина од содржината на бункерот. Данците сметаат дека овој бункер треба да им се покаже на младите за да видат колкава грижа владеела за време на Студената војна. Тие потсетуваат дека во овој момент, кога беснее војната меѓу Русија и Украина, отворањето на музејот има дополнителна симболика.