Кој е најекономичниот начин за возење по автопат? Со кои брзини автомобилот е најштедлив? Тоа се често поставувани прашања меѓу возачите, но во оваа смисла, има правила кои се веќе докажани и стручно установени.
Така, за повеќето возила правило е да се вози до 90 километри на час и да се одржува брзината на моторот од 1.500 до 2.500 вртежи во минута. Тогаш потрошувачката е најниска, а оптоварувањето на моторот – најмало, пишува „Ревија ХАК“.
Во однос на брзината на автопат и економичноста на горивото, германската стручна автомобилска организација ТУВ (TÜV) препорачува брзина 70 до 80 отсто од максималната брзина – но таа не смее да надмине 130 километри на час. Ова правило (до 80 отсто од максималната брзина) важи за послабите автомобили коишто немаат голема максимална брзина. Затоа, автомобил со максимална брзина од 150 километри на час треба да остане во опсегот меѓу 105 и 120 километри на час.