Пред извесно време се навршија десет години откако во 2013 година до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер. За жал, и по 10 години сѐ уште нема ништо од обновата на овој планинарски дом, кој беше симбол на планинарството и алпинизмот на Пелистер, дом каде што можеа да се одморат и освежат со планински чај планинарите и љубителите на планината, кои планинареа и се рекреираа на Баба Планина и на Пелистер

И по 10 години, нема обнова на култниот планинарски дом на Пелистер

Иако уште наредниот ден по катастрофалниот пожар, кој се случи на 29 јануари 2013 година, во кој до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер, тогашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, вети брза обнова на „Копанки“ (патем, тоа го ветија подоцна и другите градоначалници, Наташа Петровска и актуелниот градоначалник Тони Коњановски, кој ја „раситни“ втората година од четиригодишниот мандат), засега сѐ уште нема ништо од неговата обнова.
Кога минатата година советот на Општина Битола донесе одлука да му се доделат 3,8 милиони денари (62.000 евра) на планинарско-спортскиот клуб (ПСК) Пелистер за обнова на изгорениот планинарски дом „Копанки“ битолчани помислија дека конечно обновата сепак ќе почне, повторно не се случи ништо од тоа.
За неколку дена на Пелистер ќе се одржи меморијалниот планинарски марш „Димитар Илиевски-Мурато“, на кој ќе учествуваат стотици планинари од речиси сите планинарски спортски клубови во државата и соседните земји, но, за жал, тие и оваа година, како и во изминатите девет години, не ќе можат да се освежат со чај на Копанки. На местото каде што постоеше планинарскиот дом „Копанки“, кој беше изграден во далечната 1938 година, сѐ уште има остатоци од страшниот пожар, кој буквално го пеплоса домот.
Сите изминати десет години планинарскиот дом тлее како синоним на неуспешните локални политики, кои во изминатите десет години сите раководства ги водеа за негова обнова и за развој на туризмот на Пелистер. Иако сите политички партии во своите изборни програми како приоритетна политика ја вградуваа обновата на „Копанки“, за жал сѐ уште нема ништо од тоа.
Во мандатот на Талески, иако се ветуваше целосна обнова на домот, па дури и изградба на современ хотел на местото на домот, не се случи ништо. Тогаш тој се правдаше дека домот не бил легализиран и затоа се почна процедура за негова реализација, која беше завршена успешно.
Подоцна, кога на власт дојде бившата градоначалничка Наташа Петровска, таа ја оспори легализацијата на објектот и почна маратонски судски процес за оспорената легализација, за на крајот Вишиот управен суд да пресече дека домот му припаѓа на планинарско-спортскиот клуб Пелистер.
Во таква ситуација, за да добие општински пари за обнова на домот, ПСК Пелистер направи промена на статутот на клубот во делот за имотот, измена со која ПСК Пелистер се обврза, доколку клубот престане да функционира, имотот да остане сопственост на општината. По голем број надмудрувања и дебати, конечно се донесе одлука на клубот да му се доделат 62 илјади евра, или 3,8 милиони денари за негова обнова.
Но иако тие пари му се доделија и му се префрлија на ПСК Пелистер, сѐ уште нема ништо од обновата на „Копанки“.

– Десет години парламентот, министри, пратеници го бараа, те од едните, те од другите, но, за жал, никој ништо не направи за десет години. Колку една куќа е 60.000 евра. Е, ние ќе го изградиме – се пофали во една пригода советникот на Поинаку, Иван Чулакоски.
По иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на советот, Габриела Илиевска, во соработка со членовите на ПСК Пелистер, на почетокот на нивниот мандат се одржа работна средба и дружење на Копанки.
На средбата, која беше отворена за сите заинтересирани граѓани на Битола, беа истакнати идните планови на општината за обнова на планинарскиот дом
„Копанки”.
– По повеќе состаноци со вљубениците во планината и планинарските спортови, првпат по девет години, како претставници на локалната самоуправа, се наоѓаме пред култниот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер, со верба дека наскоро ќе се исполни долгогодишната желба на битолчани: „Копанки“ да биде место за чајанки на нашите сограѓани, но и атракција за гостите на Пелистер. Со уважувањето на жалбата на здружението „Планинарски спортски клуб Пелистер“, од страна на Вишиот управен суд се поништени решенијата што во изминатиот период беа донесени од страна на Општина Битола и Министерството за транспорт и врски, со кои беше оневозможено обновувањето на планинарскиот дом „Копанки“. Со тоа, оваа постапка е завршена, а во согласност со законската регулатива, локалната самоуправа ќе даде поддршка за обнова на објектот, кој е еден од симболите на Битола, изграден во далечната 1938 година, место што со децении било спој на различни генерации, создавало спомени, а нудело и големи можности за развој на зимските спортови. Нашата работа е насочена токму кон слушање на барањата на граѓаните и поддршка во нивната реализација. Токму од таа причина денес сме тука. Заедно да придонесеме за реализација на програмската заложба со која се обврзавме да создадеме услови за модерен и атрактивен локален туризам, а Битола со Пелистер, со своите културно-историски знаменитости, но и со збогатување на понудата, да прерасне во препознатлива точка на туристичката мапа во државата, на Балканот, во Европа, па и во светот – изјави тогаш градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, при посетата на „Копанки“.

– „Копанки“ е на сите и ќе биде за сите нас. Она што неодамна го ветивме, од денес започнува да се реализира. Денеска сме тука за да најавиме дека „Копанки“ ќе се реконструира во првата година од формирањето на советот, односно во буџетот на Општина Битола за 2022 година се предвидени средства за обновување на планинарскиот дом „Копанки“ – беше изјавата на советниците на Поинаку.
Но, за жал, и по тоа ветување не се случи ништо. „Копанки“ сѐ уште ја чека својата обнова.
Дали актуелната локална самоуправа ќе успее да го направи тоа оваа година останува да се види. Но трпението на битолчани е при крај. Тие веќе десет години копнеат да испијат чај во својот култен планинарски дом на Копанки.