Фото: Пиксабеј

Многумина претпоставуваат дека брзата дремка на средината на работниот ден ќе резултира само со поголема исцрпеност, но дали е навистина така?

Резултатите од новото истражување за потенцијалните здравствени придобивки од дремката и како максимално да го искористите дневниот сон го даваат конечниот одговор.

Новото истражување вели дека дневната дремка може да биде корисна за мозокот. Една нова студија објавена во списанието „Слип хелт“ откри скромна причинско-последична врска помеѓу вообичаеното дремење и поголемиот вкупен волумен на мозокот.

Истражувачите ги црпеа податоците од британската „Биобанк“ – обемна база на податоци од над 500.000 возрасни лица на возраст од 40 до 69 години.

Користејќи метод наречен Менделова рандомизација, тие ја анализираа поврзаноста помеѓу дневните навики за спиење на учесниците и нивните мозочни маркери, како што се волуменот на хипокампусот, времето на реакција, визуелната меморија и вкупниот волумен на мозокот. Тие откриле дека оние што пријавиле дека дремат во текот на денот имале поголем волумен на мозокот. Волуменот на мозокот звучи малку апстрактно, но тој е од клучно значење за целокупното здравје на мозокот. Според една студија од 2016 година, поголем вкупен волумен на мозокот е поврзан со намален ризик од смртност.

Како што старееме, волуменот на мозокот има тенденција да се намалува, но целта е да се забави тој процес. Одамна е познато дека добриот сон може да помогне да се заштити мозокот од влошување, а ова ново истражување сугерира дека дури и кратка дремка може да помогне да се постигне тоа. Претходните истражувања покажаа дека дремењето исто така може да ја зајакне когнитивната функција и да ви помогне да се чувствувате поенергично во текот на денот, што го прави уште попродуктивна навика.