Македонските претставници на јубилејниот 20-ти „Детски евросонг 2022“ што утре ќе се одржи во Ереван, Ерменија, Лара, Ирина и Јован ги повикуваат сите на кои им се допадна нивната песна „Животот е пред мене“ да гласаат за нив.

Онлајн гласањето е во тек, а ќе заврши утре (11 декември) во 15.59 часот, односно непосредно пред почетокот на финалната вечер. Гласањето се одвива на официјалната веб-страница на фестивалот. Ако сакате да се вклучите еве како да го направите тоа.

Според правилата, секој може да избере три омилени песни, а може да се гласа и за сопствената држава. Исто така, од еден електронски уред (компјутер, таблет, мобилен телефон) може да се гласа неограничено.

Последното гласање ќе биде повторно отворено на 11 декември, во времетраење од 15 минути по завршувањето на изведбата на последната композиција, на истата веб-страница.

Резултатите се добиваат како комбинација од онлајн гласовите на интернационалната публика (50% од вкупните бодови) и поените од професионалните жирија (50% од вкупните бодови).

Македонската телевизија ќе врши директен пренос од фестивалот на својата Прва програма.